Македонија
13. November 2025 - 16:32

Мицкоски без детали од разговорите за реконструкција на Владата

Редовни меѓукоалициски консултации! Премиерот Мицкоски без детали од синоќешната средба со лидерите на Вреди, за промените во владиниот кабиент по локалните избори.

Информациите и од ВМРО-ДПМНЕ и од ВРЕДИ се дека разговорите продолжуваат и дека на маса е целокупното дејствување на владините партнери и во Владата и на локално ниво. Според неофицијални информации од албанскиот партнер, се споменува, дека вицепремиерот Фетаи би станал нов министер за евроинтеграции.

Вреди би имала еден вицепремиер како замена за Меџити – пратеникот Беким Сали. За во животна средина пак, се споменува името на поранешниот владин портпарол Мухамед Хоџа.

Иако министерот за политички систем Иван Стоиљковиќ стана советник во Куманово, тој многу веројатно ќе остане во Владата и ќе се откаже од општинската позиција.

Засега се шпекулира дека сменети би биле и министерот за економија и труд од Вреди – Дурмиши, министерот за правда од ЗНАМ – Филков и министерот за земјоделство од ВМРО-ДПМНЕ – Трипуновски. Трипуновски рече дека ќе ја почитува одлуката на премиерот каква и да е, додека Дурмиши не знаел дека имало разговори за смени.

Неофицијално промени се најавуваат и во алабанскиот блок во парламентот со преминувања во власта, но и проблеми во коалицијата што ја предводи ДУИ. Од крилото на Алијанса на Албанците на Таравари денеска побараа на повторените избори во Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маворово – Ростуше да се задржат истите кандидати.

Велат така било праведно бидејки евентуалните нови кандидати би немале обврска за цензус како претходните. Сепак, познавачи во алабанскиот блок велат дека Таравари всушност стравува во Гостивар на повторените избори ДУИ ќе излезе со свој кандидат, општина во која досега доминираше Алијанса.

Од ова крило бараат од собранискиот спикер Гаши да ги распише повторените избори за пред Нова година, а не на најавениот датум 11 јануари бидејки според нив, тоа немало да биде фер кон иселениците што ќе си бидат заминати по новогодишните празници и не ќе можат да гласаат.