Скопје одбележува 81 година од ослободувањето
Скопје одбележува 81 година од ослободувањето во Втората светска војна. Со положување цвеќе и оддавање почит на загинатите борци, беше одбележана годишница од ослободувањето од фашистичката окупација.
Скопје мора повторно да ја најде својата душа, да биде град на луѓето, а не град на хаосот. Да биде град што не дели, туку обединува, порача градоначаникот на Скопје, Ѓорѓиевски од централното одбележување на 13 ноември пред споменикот „Ослободители на Скопје“. Од Сојузот на борци пак повикаа да чува споменот оние кои ја донеле слободата.
За 81-годишнина од ослободувањето на Скопје честитки испратија и политичарите.
Да се потсетиме со гордост на храброста и жртвата на сите што се изборија за нашата слобода. Нека духот на единството, достоинството и љубовта кон градот не води и понатаму да го чуваме и градиме Скопје како место на мир, култура и заедништво, стои во честитката од премиерот Мицкоски.
На денешен ден во 1944 година, улиците на Скопје беа ослободени од фашистичкиот окупатор, а Скопје од тогаш пулсира како слободен град. Нашите херои ни ја оставија во наследство слободата, но и обврската да ја чуваме и унапредуваме.
Оваа слобода за која пред осумдесет и една година нашите партизански ослободители крвареле и силно се бореле со оружје и страдања денес бара од нас да вложиме разум, посветеност, одговорност и чувство за висока приврзаност кон Татковината.
Повозрасните скопјани, се сеќаваат на приказните од предците кои со љубов го чувале споменот на оние кои го дале својот живот за слободно Скопје.
Во борбите за ослободување на Скопје загинале 420 македонски борци, а вкупно за време на Втората светска војна, животите ги положиле над 4.600 скопјани.
На овој ден традиционално, Град Скопје ја доделува наградата „13 Ноември“ на поединци и институции кои со својата работа придонеле за развојот и афирмацијата на главниот град.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар
