Македонија
13. November 2025 - 16:32

Александар Трајановски ќе биде нов потпретседател на СДСМ, Филипче обвинува и за економски колапс на државата

Алексанадар Трајановски ќе биде нов потпретседател на СДСМ. Неговото име Филипче вечерва ќе го предложи на седница на Извршниот комитет на партијата, како замена за Ана Чупевска која поднесе оставка помеѓу двата круга од изборите.

По преписките помеѓу Фрчковски и Пендаровски, но и по секојдневните обвинувања на ВМРО-ДПМНЕ за раскол во редовите на опозицијата, Филипче вели власта шири кафански муабети за да ја дефокусира јавноста и реалните проблеми во државата.

ВМРО-ДПМНЕ пак и денеска тврди дека никој не сака да биде дел од раководството на СДСМ, а на Филипче грб му вртат поранешни партиски членови и функционери. 

-Филипче работи исклучиво по насока на Заев, а доказ за сето ова е тоа што негови поранешни блиски соработници не сакаат да се вратат во партијата, поради недостигот на лидерство и капацитет да се врати партијата на старите патеки. Во јавноста веќе се повеќе се потврдува и нашата информација која ја добивме од Бихачка, а тоа е дека познат доктор,  воедно и поранешен градоначалник, кој важел своевремено за близок соработник на Филипче, одбил позиција во раководството, од причина што Филипче за него бил нерелевантен и човек без кредибилитет, вели Валентин Манасиевски, ВМРО-ДПМНЕ

Лидерот на опозицијата денеска обвини и за економско цунами. Странските инвестиции си заминуваат, 30% од вработените во зоните остануваат без работа, инфлацијата расте, а платите стагнираат. Филипче го критикуваше и предложените буџет за следната година, кој утре влегува во собраниска процедура.

Среќа што Филипче и СДС беа 7 години на власт и ги донесоа ветените Фејсбук, Гугл и стазата за Ф1, па имавме економија на која ни завидуваа и скандинавските држави, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

На Филипче му посакуваме пред сè, ако навистина и мисли добро на партијата и државата, да си даде оставка и да одговара за се она што го има направено во минатото за што е и заштитен од пулените на неговиот ментор Заев во судството.

Економските политики на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, како и Буџетот којшто го предвидуваме за 2026 година, апсолутно има предвидено средства за повисоки пензии, плати, социјално ранливи категории, капитални инвестиции и проекти, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.