Како ќе ги вратиме младите и успешни кадри?
Во последните три години според Државната статистика во Македонија се вратиле 1405 македонски граѓани кои живееле во странство. Во истовреме, од државата си отишле речиси четири пати повеќе луѓе отколку што се вратиле.
Меѓу оние кои одлучиле животот да го продолжат дома е Стефан Трајковски, млад градежен инженер, експерт за железница, кој поголемиот дел од својот живот го поминал на страна, главно во Англија. Се школувал на престижниот London City University. Завршил интегрирани студии од четири години со кои се добил со звање магистер, со 240 ЕКТС кредити.
Лани се вратил во Македонија со желба своето знаење и искуство да го донесе тука. Ги превел сите документи и поднел барање за нострификација на дипломата.
-Пуштив барање до Министерството за да се признае, но за жал Министерството ми одговори дека барањето не може да се прифати поради тоа што сум немал доволно кредити за да се стекнам со титула магистер во Македонија, вели Трајковски.
Во Македонскиот образовен систем титула магистер се добива со 300 кредити или пластично кажанао – студии 3+2 или 4+1 година студии. Велика Британија од друга страна има и интегрирани студии, па магистер може да се стане и четири и со пет години студии.
Токму тоа се и агрументите на МОН за непризнавањето на дипломата.
-Интегрираните студии од Обединетото Кралство, кои носат 240 ЕКТС кредити не ги исполнуваат пропишаните критериуми за вкупно траење и опфат на квалификацијата согласно со домашната рамка на квалификации. Поради тоа при конкретната постапка на признавање, Министерството утврдило дека доставената диплома не може да се изедначи со квалификација од втор циклус во Република Северна Македонија, односно дека се работи за квалификација која не ги исполнува условите за магистерски степен во националната рамка поради недоволен број на ЕКТС кредити, велат од МОН.
Србија, држава која има речиси идентичен образовен систем како и Македонија и која исто така се приклучи на Болоњнскиот систем за помалку еден месец му ја нострифицирала дипломата.
За Стефан и не би било проблем дали во Македонија ќе биде признаен како магистер или не, доколку не е градежен инеженер бидејќи без неговата диплома не може да добие овластување за да стави потпис на својата работа и со тоа не може да работи за македонски компании.
-Досега сите компании во коишто го дадов моето CV, сите рекоа дека имам доста јако CV кое може да се искористи. Меѓутоа, без овластување не можат да ме искористат како што треба бидејќи не сум овластен да потпишам никаков документ. Ниту за проектирање, ниту за надзор, ниту за ништо. Тоа во мое име треба да го прави некој друг, вели Трајковски.
За парадоксот да биде поголем – тој не може да работи за македонски компании, но може од Скопје да работи за странски. Во моментов работи во белгиска градежна компанија со седиште во Скопје, па со оглед на тоа што проектите се за таму, и Белгија ја признава британската диплома, нема никаков проблем да става потпис на својата работа.
МОН вели дека доколку одлучи сепак да му ја признае магистерската диплома со 240 кредити, тоа би довело до нерамноправен третман на домашните студенти кои за истото ниво на квалификација мора да завршат вкупно 300 ЕКТС кредити.
-Таков пристап би ја нарушил системската усогласеност и би довел до неконзистентност во примената на Националната рамка на квалификации, велат од МОН.
Сега Стефан има една дилема – дали да продолжи на врата која му е затворена, кога сите врати во Европа му се отворени.
-Жалносно е, меѓутоа, нема поента да се седи во една држава којашто нејќе ни образованието да го признае.4 Ќе размислам, уште не знам. Јас се вратив со една искрена и многу чесна цел, знаењето коешто го стекнав во двете компании да го искористам тука, но без прилика тоа да го сторам, не гледам поента.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
