Македонија
13. November 2025 - 16:32

Нема економска оправданост за интервентно зголемување на минималната плата, вели Дурмиши

Нема причина за минимална плата од 500 евра како што бараат синдикатите, оцени министерот за економија. Таквото зголемување, според Дурмиши, ќе направи само притисок врз фирмите и ќе мора да отпуштаат работници.

Дополнително, вели, ќе се подгрее и инфлацијата. Затоа и догодина ќе се оди само со законското усогласување. 

„Во моментов не гледаме економска оправданост за интервентно зголемување на минималната плата пред редовното усогласување што е законски предвидено во март. Во овие околности ако одиме со ад-хок зголемување на минималната плата тоа ќе предизика зголемување на инфлацијата“ – изјави Бесар Дурмиши, министер за економија и труд.

Во меѓувреме, дел од основните производи бележат поскапување, а најмногу јајцата. Пакување од 6 јајца кое минатиот месец се продаваше за 64 денари, денеска чини 99. 10 јајца, пак, се продаваат за 180 денари, што значи едно јајце е 18 денари.

Маслото за јадење поскапе уште кога почна сезоната на зимници и веќе се приближува кон стотка. Дурмиши засега не планира да воведе мерки. Вели годишната инфлација за октомври е висока затоа што лани ова време имавме есенска кошница и затоа ќе ја чека статистиката за ноември.

„Сега за сега не гледам причина зошто да донесеме одлука за замрзнување или ограничување на бруто-профитната маржа на трговија на големо или трговија на мало. Ги анализираме цените, го анализираме пазарот секојдневно, ќе видиме, ако има потреба ќе донесеме одлука“ – изјава Бесар Дурмиши, министер за економија и труд.

Кон крајот на овој или почетокот на следниот месец треба да се одржи и седница на економско-социјалниот совет. Се очекува усвојување на потрошувачката кошница што ќе ја пресметува државата. Последен пат синдикатите, работодавачите и Владата се видоа во јули.