Бизнис
25. јуни 2025 - 16:36

Банките доброволно да ги намалат провизиите или државата ќе ги регулира надоместоците

Намалување или укинување на провизиите кои банките им ги наплаќаат на граѓаните и стопанството, бара гувернерот на Народната банка. На првата официјална средба со банкарите, им порача дека надоместоците им се високи, во споредба со земјите во Унијата, каде им се наоѓаат матичните банки.

Славески побара намалување на провизиите за одржување платежна сметка за фирмите, укинување на надоместокот за одржување електронско банкарство,за вадење готовина од туѓи банкомати.  

Понатаму, надоместоците за плаќања со платни налози треба да се укинат имајќи во предвид дека за нивно извршување не е потребно користење на платни системи кои создаваат трошоци за банките, а оваа услуга е бесплатна за ѓраѓаните кај матичните банки во ЕУ.

Надоместоците за меѓубанкарски плаќања во домашна валута кои се извршуваат преку платните системи КИБС И МИПС треба значително да се намалат, имајќи в предвид дека ваквата услуга е бесплатна кај матичните банки во ЕУ- изјави Трајко Славески, гувернер на Народната банка.

Од банките му порачаа дека имаат трошоци и секоја сама одлучува дали и колку ќе намали одредена провизија. Во следниот период ќе прават анализи од кои трошоци би се откажале, но додаваат дека тоа ќе биде долгорочен процес.

– Надоместоците се различни во секоја банка и за нив секоја банка одлучува, што го отежнува проблемот. Ако се намалат трошоците за МИПС, дали може да очекуваме и дека провајдерите ќе ја намалат цената кон нас за истата услуга? Имаме високи трошоци за ИТ секторот, високи трошоци за одржување на платежните картички во странство, изјави Маја Штериева, претседтел на МБА.

 Гувернерот пак им порача дека платежните услуги се јавно добро и секој треба да има пристап до нив. Затоа треба да бидат  фер и прифатливи за корисниците. Ако доброволно не ги намалат, на есен ќе се бара правна рамка, како задолжитело да го сторат тоа.

- Ако можат да се регулираат цените на струјата, тогаш може да се регулираат и платежните услуги. За тоа ќе биде подготвена соодветна законска рамка-додаде Славески.

Инаку, според последните податоци за 2024 година, од вкупните нето приходи, 18 отсто се токму  од надоместоци – сума која е значително повисока во споредба со другите сектори.