Македонија
19. October 2016 - 15:19

Училиштето во Седларци ќе се реконструира со европски пари

Градончалниците на општините Василево и Струмијани од Република Бугарија, Ванчо Стојанов и Емил Илиев денеска во Бугарија потпишаа договорот за имплементација на проектот „Заштита на животната средина во прекуграничниот регион Василево - Струмјани за подобрување на енергетската ефикасност“ во рамки на Програмата за прекугранична соработка INTERREG- IPA CBC Бугарија- Македонија 2014-2020.

Во рамки на проектот во општина Василево ќе се реконструира подрачното училиште во село Седларци.

- Со замена на прозорците и вратите со нови, со промена на кровот, со поставување термичка фасада, фотоволтаични панели, централно топловодно греење на пелети и соларен систем за санитарна топла вода, училиштето во Седларци ќе прерасне во енергетско ефикасен објект кој користејќи обновливи извори на енергија ќе ја штити животната средина, вели градоначалникот Стојанов.

Во општина Струмјани, проектните активности ќе се случуваат во најголемото населено место во таа општина – селото Микрево каде ќе биде поставено енергетски ефикасно улично осветлување.

Вкупниот буџет за имплементација на овој партнерски проект, чија цел е заштита на животната средина и одржлива употреба на заедничките природни ресурси во прекуграничниот регион,  изнесува околу 240 000 евра.