Македонија
20. December 2024 - 16:41

Ќе ги исклучиме сите семафори во Скопје ако нема плата, рекоа вработени во Улици и патишта

Целосна блокада на Скопје од понеделник најавија вработени во „Улици и патишта“ кои утринава протестираа пред канцеларијата на Арсовска. Се пожалија дека немаат земено плата за минатиот месец и к-15. 
„Доколку не земеме плата, ние си продолжуваме. Од понеделник со возила ќе излеземе на улица и семаформите ќе ги исклучиме да не работи целиот град“ - Нусрет Пашалиќ, вработен во Јавното претпријатие „Улици и патишта“

На протестот побараа средба со Арсовска за да ги сослуша нивните проблеми.

„Еве еден колега сабајле ми вика срам ми е, детето ми бара пари, немам да му дадам пари. Ние немаме ништо против Данела Арсовска. Меѓутоа таа треба да не разбере дека ние сме луѓе со семејства и треба да одговориме на нашите задачи спрема фамилиите“ - Трајко Стефановски, возач во „Улици и патишта“

Според синдикатите, доцнењето со платата не е единствениот проблем. Тврдат дека сметката на претпријатието е блокирана поради долгови, нема ризла и нафта за работа, дел од машините се расипани оти не се сервисирани, а имаат и проблеми со регистрацијата.

„Побарано е од раководството на јавното претпријатие, синдикални пари што има членство тие скромни пари, да им ги дадеме да ги регистрираат возилата. Луѓе, ова е жално, смешно, трагично не знам како да кажам“ - Марјан Ристески, КСОМ

Реагираа од претпријатието.

„Мицкоски пред да продолжи да прави штета на скопските претпријатија и Градот Скопје, би требало да ги информира граѓаните дека вработените во ЈП Улици и патишта Скопје имаат земено плата, па од таму нејасно е зошто синдикатот протестира. Истовремено Мицкоски треба да ги информира дека за линеарно зголемување плата и К15, што се барања на синдикатот, одлука носи Управниот одбор на претпријатието чии членови се избрани токму од ВМРО-ДПМНЕ.“

Во Улици и патишта работат околу 250 лица.