Македонија
20. December 2024 - 16:40

Кривична пријава за полицаецот кој го пропуштил Груби на граница

Граничниот полицаец од Блаце кој Груби го пропуштил без проверка заработи кривична пријава. Полицијата се сомнева дека ја злоупотребил положбата бидејќи не проверил дали Груби е на листата за задржување на лица. Наместо со возило, внел податоци дека заедно со бизнисменот, границата ја минале пеш

„Полицискиот службеник Б.Ј не почекал системот да утврди дали за лицата има активна мерка, туку веднаш им ги дал патните исправи, по што тие го напуштиле граничниот премин“, се вели во кривичната пријава поднесена од МВР.

Државниот јавен обвинител вели се истражува случајот и се испитува дали во случајот имало вмешано и други лица.

„МВР има поднесено само известување  до ОЈО ГОКК што значи дека се во координација, Јавното обвинителство со МВР. Само што почнуваат дејствијата на ЈО и секако ќе има и наредби и сите што евентуално учествувале околу тој насат ќе бидат повикани и ќе се обезбедат докази за водење на постапка“, изјави Љупчо Коцевски, Јавен обвинител.

Коцевски, не потврди дали Груби се наоѓа во Косово.. Вели, побарале меѓународна потерница, но работа на полицијата е да лоцира каде се наоѓа тој.. Дали за случајот под истрага ќе се најдат и поранешниот премиер Ковачевски и владиниот секретар, од обвинителството велат ќе зависи од доказите обезбедени со предистражната постапка која е во тек..

„Од страна на МВР е поднесена кривична пријава и за останатите двајца, меѓутоа тие не изостанаа со оглед дека Јавното обвинителство и натаму постапува и води предистражна постапка за останатите двајца. Доколку се утврди дека има елементи на кривично дело, врз основа на доказите ќе поведе постапка и против тие двајца“, вели Коцевски.  

Адвокатот на Груби во писмено соопштение тврди дека немало кривично дело во дејствијата на екс вицепремиерот. Бара случајот да не се политизира.

„Се надеваме дека сите учесници во оваа кривична постапка ќе останат имуни на очигледната политизација на процесот и ќе ја задржат непристрасноста и независноста и одлуките ќе ги носат, како и ние, врз основа на јасни правни аргументи“, вели во соопштението адвокатот Владимир Доневски.  

Груби и екс директорот на лотарија се под основано сомнение за проневера во службата тешка над 8 милиони евра.