Трамп и Пелоси постигнаа договор за пакетот мерки за борба против вирусот
Демократите и Владата на САД синоќа постигнаа договор за опширен пакет мерки за помош на населението во земјата, зафатено од коронавирусот, откако претседателот Доналд Трамп вчера прогласи вонредна состојба во државата.
Претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси и министерот за финансии, Стивен Мнучин, синоќа по обраќањето на Трамп, ги завршија преговарите за донесување на пакетот мерки.
– Горди сме што постигнавме договор со Администрацијата за да се решат тековните предизвици, изјави Пелоси доцна синоќа.
Претставничкиот дом синоќа го изгласа законот и го прати на одобрување во Сенатот, каде најверојатно ќе се гласа денеска наутро. Се работи за помош во висина од 50 милијарди долари што претседателот ги вети во неговото вчерашно обраќање.
Меѓу другото, мерките овозможуваат двонеделно платено боледување за вработените и до три месеци платено боледување за помош на член на семејство, повисоки исплати за невработеност и бесплатни тестови за коронавирус за сите, како и помош во храна и здравствени услуги за оние со ниски примања.
Парите ќе овозможат лекарите и болниците да работат без пречки во напорите да се спречи ширењето на болеста, како на пример лекување од дома, а се предвидува и олеснувања за корисниците на студентски кредити.
Берзите реагираа позитивно по обраќањето на Трамп вчера и позитивните изгледи за договор за мерките.
Инаку во САД потврдена инфекција досега е забележана кај 2.100 лица, додека од болеста починале 49 луѓе.
Експертите укажуваат дека бројките ќе се зголемат експоненцијално, исто како во Кина, Италија, Јужна Кореја и во други земји.
Во обид да се спречи епидемија во САД, Трамп вчера прогласи вонредна состојба во земјата.
– За да се реализира целиот потенцијал на федералната Влада …официјално објавувам вонредна состојба во земјата… Преземам мерки кои ќе отворат пат за користење на 50 милијарди долари, многу важна и голема сум за државите, териториите и населените места, во нашата борба против оваа болест, истакна Трамп.
На прес-конференцијата по тој повод укажа дека Владата работи заедно со приватниот сектор, со компании како „Гугл“, за да се забрза процесот за производство и широка достапност на тестови за вирусот. Посочи дека во најмала рака ќе бидат произведени околу пет милиони тестови за детектирање на коронавирусот.
Ново на Сител
-
Тема на денот со Слободан Трендафилов, претседател на ССМ
-
„Не може некој со плата од 2.000 евра да кажува дека 400 евра е доволно“ – првомајски протест во Скопје
-
Кој колку троши по кафеани и се грижи за работниците – на Први мај власта и опозицијата со меѓусебни обвинувања
-
0д 1-ви мај лани, до 1-во мај годинава, статус кво на работничките права
-
Традиционален првомајски пикник
-
Македонците масовно патуваат за 1 мај - најмасовна Богородица
-
Истрагата за пожарот во Кочани мора да заврши до средината на јуни
-
ДУИ и ВРЕДИ со реакции по одлуката на Уставен за Медресата во Кондово