Loading Video...
Свет
1. May 2025 - 12:26

Преглед на вестите од светот

САД и Украина потпишаа договор за формирање инвестициски фонд за реконструкција, објави Министерството за финансии на САД, а двете земји потпишале и договор за пристап до украинските природни ресурси. Договорот за пристап до украинските природни ресурси ќе им обезбеди на САД преференцијален пристап до нови инвестициски проекти за развој на украинските природни ресурси, вклучувајќи алуминиум, графит, нафта и природен гас.

Иако специфичните официјални детали сè уште не се познати, Министерството наведува дека договорот воспоставува американско-украински инвестициски фонд за реконструкција.

Украинската и американската страна составија список на услови за завршување на војната, кој вклучува 22 „многу конкретни акции“, изјави специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за Украина, Кит Келог.

Одговарајќи на изјавата на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров дека Русија ќе ја добие војната против Украина, Келог рече дека тоа не одговара на реалноста.

Тој оцени дека Русија треба „да ја препознае промената на околностите“, односно дека Украина, според него, добро се држи, дека европските партнери зајакнуваат и формираат нови сили без помош на Соединетите Американски Држави.

Нов Зеланд денеска ги затвори училиштата и патиштата и ги приземји летовите бидејќи земјата се соочува со екстремни временски услови, вклучително и во главниот град Велингтон, кој се соочува со најсилните ветрови во повеќе од една деценија, според владината метеоролошка агенција. Просечната брзина на ветерот достигнала дури 87 километри на час а на некои места налетите на ветерот достигнале 160 километри на час (99 mph). Делови од Јужниот Остров на Нов Зеланд, исто така, се справуваат со поплави по 24-часовните обилни дождови во четврток.

На сила е црвено предупредување за ветер, највисокото можно. Ова е прв пат Велингтон да има црвено предупредување откако системот беше воведен во 2019 година.

Ран топол бран го зафати Париз и голем дел од северна Франција и во текот на вчерашниот ден беа измерени температури од 25 до 30 степени Целзиусови. Ваквото време се очекува да продолжи и за деновите на викендот. Во 2005 година, сличен топол бран ја погоди цела Франција од 28 април до 2 мај. Луѓето околу Париз уживаа во сонцето, иако некои рекоа дека се загрижени колку рано дошло во сезоната.