Скопските градоначалници ќе бараат помош од колегите во другите градови за да го соберат ѓубрето
Скопските градоначалници ќе бараат помош од колегите во другите градови за да го соберат ѓубрето од улиците и тротоарите. Тие денеска се собраа во рамки на ЗЕЛС за да најдат решение за нефункционалноста на Комунална хигиена. Отежителна околност е што општините немаат соодветна механизација за да ги празнат контејнерите, туку само да го соберат расфрланиот отпад наоколу. Според првиот човек на ЗЕЛС и кандидат за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, недостасуваат и контејнери.
„На многу од микролокациите особено каде што има роботи контејнери, на местата каде што имало по 3, по 4, во моментв има по еден или по два. Не знам од кои причини тоа ќе треба да го утврдиме дали некој свесно и намерно го направил тоа изминатиот период“ – Орце Ѓорѓиевски, претседател на ЗЕЛС и кандидат за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ
Но, проблемот не е само во недостатокот на контејнери.
„Проблемот е во немањето доволна механизација, односно камиони за подигање на смет, немањето на гориво за истите камиони, немањето на резервни делови. Чисто илустративно оние големите пластични контејнери за отпад кои се 3,2 тони, треба да се опслужат со пет камиони, а во моментов има само два исправни камиони“ – Стојанче Кашиковски, претседател на СУТКОЗ
Наспроти тврдењата на градоначалничката Арсовска дека виновен за хаосот е управниот одбор, Кашиковски вели дека сите потребни документи се донесени, но тој што ја кочи работата е директорот и не му е јасно зошто не набавува нова опрема, иако редовно има прилив на пари.
„Се што се однесува околу набавка на нова механизација и опрема се два документи. Едниот документ е инвестициона програма за работа на претпријатието, а вториот е планот за јавни набавки. И двата документи од страна на Управниот одбор на ЈП Комунална хигиена во првите два месеца на годината се донесени, но за жал, од страна на директорот на се спроведени“ – Стојанче Кашиковски, претседател на СУТКОЗ
Од друга страна, пак, службите на Општина Центар заедно со Институтот за јавно здравје веќе 5 дена спроведуваат вонредна есенска дератизација, со која се опфатени 1.980 шахти, вели градоначалникот и кандидат за втор мандат, Герасимовски.
„Дератизацијата се спроведува со цел уништување штетни глодари и превенција од заразни болести, како дел од мерките што општината ги презема за заштита на населението. Спроведуваме вонредна дератизација со цел да ги спречиме сите можностите од појава на зараза. Во услови на хаос во градот во однос на јавната хигиена, оваа акција е важен чекор за сузбивање на потенцијални извори на болести“, кажа Герасимовски.
Инаку според информациите од СУТКОЗ, вработените во Комунална хигиена денеска добиле само пола плата за септември, а другата половина им е ветена за во петок. Во претпријатието работат околу 1.200 редовни и над 200 сезонски работници.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар