Македонија
22. October 2025 - 16:33

Касами ветува поддршка за ДУИ во Кичево, очекува гласови од интегративците во останатите општини

Само неколку дена по првиот круг гласање, кандидатот на Вреди за градоначалник на Тетово Биљал Касами најавува поддршка за кандидатите на ДУИ во Кичево во вториот круг од локалните избори, наспроти предизборниот договор со ВМРО ДПМНЕ за меѓусебна поддршка.

Во гостување за албанска телевизија јавно потврди дека Вреди во вториот круг ќе го поддржи Фатмир Дехари ДУИ во Кичево, наместо кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Јовановски. Според Касами, поддршка ќе биде обезбедена во сите места каде има албански кандидат, но очекуваат поддршка и од интегративците во Брвеница и Долнени каде ВРЕДИ и и ВМРО ДПМНЕ ќе ја водат битката во вториот круг. 

По јасниот став на Касами, партискиот штаб на ВРЕДИ побрзаа со реакција за гласањето во Кичево - повикаа кичевчани сами да одлучеле. 

Гласовите не ги имаме во џеб за да ги вадиме кога ќе посакаме, ставот на нашиот кандидат за општина Кичево, Фатмир Лимани, беше јасен уште од почетокот на изборната трка: оној што ќе влезе во вториот круг, ќе биде поддржан. Но имаме нова ситуација во која се објавени  компромитирачки материјали кои го разголуваат кандидатот на НАИ и го лишуваат од секое морално право да извршува јавна функција. Поради тоа, како коалиција побаравме тој да се повлече. Тој не се повлече, и токму тоа ја прави секоја јавна поддршка скоро невозможна. Кичевчани сами треба да ја донесат оваа тешка одлука, реагираат од ВРЕДИ. 

-Ние сме за обединување на вредности, наместо етнички прашања и теми кои предизвикуваат поделби во јавноста. Тоа го очекуваме од сите политички зрели фактори затоа што секое спротивно однесување на тоа е слично на ДУИ кои беа жестоко поразени на овие избори. 

Во битката за градоначалничката позиција во Тетово во вториот круг влегуваат кандидатите на ВРЕДИ и ДУИ, а разликата во гласови е 3756, во корист на ВРЕДИ.  

Дали ќе се случи обединување на македонските гласови во Кичево засега е неизвесно. Опозициската СДСМ најавува нивен став во текот на следните денови дали ќе го повикаат членството да даде поддршка за кандидатот на ВМРО ДПМНЕ, што беше случај во изминатите изборни циклуси. 

По изборниот пораз во Чаир од ДУИ не се достапни за информации. Побаравме став дали постои договор за поддршка во вториот круг со Вреди во местата со претежно албанско население онака како што најави Касами, но не добивме одговор.