Македонија
22. October 2025 - 16:34

Сведоци на обвинителството се откажуваат од прогон на онкологот Васев

Ќерка на почината пациентка која сведочеше во предметот „Онкологија“ рече дека нејзината фамилија не се чувствува како оштетена.. Смета и дека не треба кривично да се гонат тројцата онколози, а обвинетиот Нино Васев го нарече господ.. 

„Лекувањето на мојата мајка траеше 13 години, таа не сакаше да прима хемотерапија за да не и падне косата и за среќа лекувањето го продолжи кај доктор Нино Васев и кај него примаше имунотерапија сите години.. Имаше карцином од петта група и сите се чудеа како толку долго се лекува“, наведе во своето сведочење сведокот која работи како медицинска сестра во клиничкиот центар „Мајка Тереза“..

Од кривичен прогон на онколозите се откажа и вториот сведок кој денеска беше повикан во судот.. Според обвинителката, Ана Гоговска Јакимовска, не било невообичаено да слушне сведоштва кои се спротивни од обвинението.. Адвокатите кои досега ги спореа претходните сведоштва, сега бараат, обвинителството да повикува и други сведоци..

„Подобро е да чуеме можеби уште неколку сведоци, оти ова излезе неочекувано. Сведоците на обвинението, станаа сведоци на одбраната“, изјави Боби Спирковски, Адвокат на Нино Васев.  

На судењето се изведуваат и материјални докази, стотиците лекови кои при претресот наместо во болничката амбуланта биле во ладилник во кабинетот на Васев.. 

Во случајот за несовесно лекување и тешки дела против здравјето на луѓето, обвинети се онколозите Васев, Црвенкова и Јакимовски.. Пешевска призна вина и доби условна казна..