Притвор се бара за шест лица, а за деветнаесет мерки на претпазливост за злоупотреби во прилепската болница
Речиси 700 илјади евра, толку тежат злоупотребите во прилепската болница „Борка Талески“, за кои Обвинителството отвори истрага против 25 лица и 7 фирми. Во неа се опфатени поранешната директорка, раководни и вработени лица во болницата, како и управители на фирмите преку кои, според сомнежите, се изведувале сомнителни набавки и незаконски исплати.
За шестмина се бара притвор, за 19 се предложени мерки на претпазливост, а дел од фирмите ќе имаат забрана да учествуваат на јавни тендери. Девет лица ќе се гонат по скратена постапка.
Се сомничи дека преку јавни набавки за услуги кои не биле извршени, осомничените создале шеми со кои за себе или за други лица прибавувале значителна имотна корист, а на болницата и нанеле сериозна финансиска штета.
Осомничените, меѓу кои поранешната директорка, раководители и други вработени на болницата, но и управители на осомничени правни лица, преку постапки за јавни набавки за сервис на моторни возила, чистење на работните простории, сервис на водоводна мрежа, молерофарбарски услуги, физичко обезбедување, реконструкција на инфективното одделение, односно преку неизвршување на договорните обврски и незаконски промени на налози за исплата, предизвикале вкупна штета на буџетот на болницата „Борка Талески“ од 42.726.978 денари, соопштија од Обвинителството.
Осомничените лица во текот на ноќта и денеска беа изведени пред прилепскиот суд, откако финансиската полиција влезе во болницата по наредба на Обвинителството за наводни злоупотреби. Тие се товарат за повеќе кривични дела, злоупотреба на постапката за јавен повик, проневера во службата, несовесно работење, злоупотреба на службена положба и овластување, фалсификување или уништување деловни книги и други дела за дел од осомничените кои Обвинителството се уште ги испитува.
Оваа истрага доаѓа неколку месеци по претресите на осум локации во Прилеп, спроведени во рамките на предистражната постапка. Сегашниот директор, откако ја презеде функцијата лани, неколкупати јавно изјави дека ја наследил болницата со долг од нешто над 190 милиони денари.
-
Тамара Дичоскa
Сите содржини од овој новинар