Ребаланс – па локални избори! Мицкоски најави 3 инвестиции во Штип и над 1.000 вработувања
Прво ребаланс на буџетот, па распишување на избори. Владата најави прераспределба на парите крајот на јуни, почетокот на јули, поради општинските проекти кои треба да се реализираат со унгарскиот кредит. Станува забор за 245 милиони евра наменети за капитални инвестиции, за кој аплицирале сите 80 општини.
За да можат да ги користат овие пари, ќе треба да се направи пренамена до јули и веднаш потоа ќе се распишат локалните избори.
- Логично е да има ребаланс во месецот што следи поради проектите за финансирање на 2 повик. Сепак се 15 милијарди денари, за да можат потоа општините да направат ребаланс на своите буџети, да распишат тендер и да започне реалзизацијата. Има законски процедури кои треба да се исполнат, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Премиерот е задовоен од постигнатите бројки во првиот квартал годинава. Индустриското производство расте, инфлацијата стивнува, се чека влез на нови странски инвестиции, кои ќе го подигнат растот и ќе ги надминат проекциите за БДП кои ги даваат меѓународните институции. Мицкоски денеска најави влез на 3 нови инвестиции, од кои две се во Штип, една во Скопје, како и проширување на постоечка компанија, лоцирана во Штип.
- Да, најавивме нова инвестиција којашто ќе се случи за 10 до 12 дена од денеска, неколку десетици милиони евра и повеќе од две стотини вработени. Целосно ќе биде производството наменето за извоз на бела техника, значајно ќе учествува во бруто домашниот производ. И истовремено, сакам да ги информирам штипјани и луѓето од околината на Штип, дека работиме на две и проширување на една, на три инвестиции во зоната овде во Штип. И мислам дека многу скоро, денеска ќе има убави вести за граѓаните на Штип и околината и за овие две со проширувањето, би рекол три инвестиции. Вкупно, сумарно ќе биде околу илјада и повеќе од илјада нови вработувања и неколку стотици милиони евра, додаде Мицкоски.
Премиерот вети дека почетокот на јули ќе се реализира и најавената инвестиција од половина милијарда евра, од инвестицискиот фонд Алказар Енерџи. Ќе градат ветерен парк меѓу Карбинци, Штип и Радовиш, а произведенета електрична енергија ќе задоволува ¼ од потребите на домаќинствата.
-
Наташа Мерсовска
Сите содржини од овој новинар