Бизнис
25. April 2025 - 16:43

Со Предлог-законот за енергетика ќе се знае колку струја потрошиле граѓаните, и точната бројка на енергетски сиромашни

Речиси 50 000 домаќинстава не можат да си ги платат сметките за струја. Но, министерката за енергетика се сомнева дека бројката е многу повисока. Токму затоа, во новиот Предлог-закон за енергетика, се прави нова методологија, која ќе ја покаже вистинската бројка на енергетски сиромашни, а Владата ќе најде начин да им помогне. 

- Домаќинствата што не можат да си ги платат сметките за струја ќе добијат поддршка – пониски цени преку универзален снабдувач или други снабдувачи. Владата може да одобри компензации за овие семејства, а ранливите потрошувачи ќе имаат и финансиска помош (на пример, субвенции за греење или енергетски ефикасни уреди) и нефинансиска помош (како забрана за исклучување од мрежа). Ова е за да никој не остане без струја во зима поради финансиски проблеми, изјави Сања Божиновска, министер за енергетика 

За да нема револт кај граѓаните поради високи сметки за струја и нередовно читање на броилата, ЕВН во рок од 7 години ќе мора да ги промени со паметни мерни системи. Трошокот за нив, најверојатно ќе го плати ЕВН.

- Се уште не е утврдено. Тоа Владата ќе го одлучи, но таа ќе направи се за да не бидат на грбот на граѓаните, додава Божиновска.

Се менува и процедурата за обновливи извори, за што ќе мора да има годишен план за изградба. 

Во Предлог-законот, се предвидува и станарите да можат да формираат граѓански енергетски заедници и на зградата да стават соларни панели. Вишокот струја ќе можат да го продваат. Инаку Предог-законот го поддржа и опозицијата и се очекува за еден месец да биде донесен.