Путин ги пофали „невидените“ врски со Кина на почетокот на разговорите со Си
Кинескиот претседател Си Џинпинг и неговиот руски колега Владимир Путин почнаа билатерални разговори во Пекинг, во пресрет на големата воена парада во кинескиот главен град, пренесе Би-Би-Си.
Путин ги пофали односите меѓу двете земји, велејќи дека тие се на „невидено ниво“, додавајќи дека нивната „блиска комуникација ја одразува стратешката природа на руско-кинеските врски“.
-Драг пријателе, и јас и целата руска делегација сме задоволни што повторно се среќаваме со нашите кинески пријатели и колеги, му рече Путин на Си, според видеото објавено на официјалната страница на Кремљ на Телеграм.
-Нашата блиска комуникација ја одразува стратешката природа на односите меѓу Русија и Кина, кои се на невидено високо ниво. Ние секогаш бевме заедно тогаш, и остануваме заедно сега, додаде Путин.
Си му рече на Путин дека „односите меѓу Кина и Русија го издржаа тестот на меѓународните промени“, додавајќи дека Пекинг е подготвен да работи со Москва за да „промовира изградба на поправеден и поразумен глобален систем на управување“.
Си утре ќе биде домаќин на најголемата воена парада во Кина со која ќе се одбележи 80-годишнината од предавањето на Јапонците во Кина на крајот на Втората светска војна.
Тоа доаѓа во време кога Си се обидува да ја проектира моќта на Пекинг на меѓународната сцена – не само како втора по големина економија во светот, туку и во дипломатијата.
Тој ја нагласи улогата на Кина како стабилен трговски партнер, додека царините на американскиот претседател Доналд Трамп ги нарушија економските односи.
МИА
Ново на Сител
-
Тема на денот: Каква е статистичката слика за локалните избори
-
Три нови уролошки процедури
-
Преглед на вестите од светот
-
Гласаат затворениците, болните и изнемоштени лица и оние сместени во установи за вонсемејна грижа
-
Кондарко: Исправена е печатната грешка на гласачките ливчиња во Ново Село
-
Во Прилеп гласаат 297 болно и изнемоштено лице, 63 штитеници во Домот за стари лица и 119 осудени лица во КПД Прилеп
-
Гласање на болни и изнемоштени и осуденици во затвор - Штип
-
Во понеделник интервју на кандидатите за судија во Судот во Стразбур