Во Прилеп гласаат 297 болно и изнемоштено лице, 63 штитеници во Домот за стари лица и 119 осудени лица во КПД Прилеп
Денеска во Прилеп гласаат 297 болно и изнемоштено лице, 119 осудени лица во Казнено поправниот дом Прилеп. како и 63 штитеници во Домот за стари лица „Киро Крстески Платник“. Од избирачкото место 1419 во Домот за стари лица во Прилеп велат дека гласањето започнало навреме во 7 часот утринава, без никакви проблеми.
„Материјалите се подигнати навреме, избирачкото место е отворено навреме, имаме гласачи од 19 општини и 63 пријавени гласачи. Во тек е гласањето, има неколку гласачи кои досега гласале“, изјави Методи Исков, претседател на избирачко место 1419.
Штитениците од Домот велат дека иако се стари гласаат на сите избори. Очекуваат од новата локална власт подобрување на квалитетот на животот во сите сфери.
„На сите избори стално гласам, се надеваме на подобро, треба да се подобри што можи спрема можностите и финансиите“, кажа Дојчин Атанасовски, штитеник во домот „Киро Крстески – Платник“ – Прилеп.
„Премногу луѓе ни заминаа од Македонија, ние сме мала земја, ама сме вредни. Да се задржат дома младите и тие што се појдени да се вратат назад, да има подобри услови за живот“, рече Тоци Костоска, штитеник во домот „Киро Крстески – Платник“ – Прилеп.
„Нови промени во градов, во иднина да има, еве на пример кај нас треба да се среди домот да се извароса“, кажа Ленка Гаврилоска, штитеник во домот „Киро Крстески – Платник“ – Прилеп.
Инаку во Прилеп своето право на глас ќе го искористат 62.053 гласачи, кои ќе гласаат на 126 избирачки места. Во однос на 2021 кога во Прилеп за локалните избори имало пријавено 64.164, денес тој број е намален за 2.111 и изнесува 62.053
„Болни и изнемоштени кај нас беа доставени 305 барања, а 298 се одобрени, 7 се одбиени заради некомплетна документација“, изјави Валентин Божиноски, претседател на ОИК Прилеп.
Инаку кога станува збор за Пелагонискиот регион во општините, Битола, Крушево, Кривогаштани, Долнени, Новаци и Могила денеска гласаат 802 болни и изнемоштени лица, 110 штитеници во Домовите за стари лица и 118 осуденици.
-
Дарко Штарговсски
Сите содржини од овој новинар