Македонија
15. February 2018 - 10:28

Пријава за тројца велешани за кражби на автомобили

Велешаните Н.Д. ( 26), С.Д. (19) и Н.Б. (18) се осомничени за кражби на три автомобила во Скопје, од кои со едниот предизвикале сообраќајка, а еден продале. Кражбите се извршени од 31 декември лани до 8 овој месец, при што од паркинзи се одземени „Опел Кадет“, „Застава Југо 55“ и „Југо корал“.

Против тројцата велешани Единицата за имотни деликти и малолетничка деликвенција при СВР Скопје до Основното јавно обвинителство Скопје ќе поднесе кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторени три кривични дела - „тешки кражби“, казниво по член 236 од Кривичниот законик на Република Македонија, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи.

Пријавените, на 31 декември лани, од 17 до 18 часот, на паркинг пред зграда на ул. „Бојмија“, одзеле патничко возило „Опел Кадет“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на С.С. од Скопје. Истиот ден на ул. „Ѓорче Петров“ со возилото предизвикале сообраќајна незгода по што го оставиле и побегнале.

Потоа, на 5-ти овој месец во периодот од 15 до 17 часот на ул. „Никола Карев“ одзеле патничко возило „Застава Југо 55“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на П.Ј. од Скопје, по што побегнале во непознат правец. Наредниот ден од страна на полициски службеници возилото е пронајдено и одземено од  А.И. (40), кому од страна на пријавениот Н.Д. му било продадено возилото за сума од 5.000 денари.

Според пријавата, осомничените на 8 месецов украле уште едно Југо од паркинг на бул. „Кузман Јосифовски Питу“ сопственост на М.Д. од Скопје. Тие го однеле возилото во Тетово каде што се обиделе да го продадат.