„Велигденски Кули“ - Најуникатниот обичај во Македонија
„Велигденски Кули“ - најуникатниот обичај во Македонија, па можеби и пошироко за одбележување на најголемиот христијански празник Велигден и тоа неговиот втор ден од прославувањето. Оваа раритетна манифестација се случува во единствено во Македоски Брод и на ниту едно друго место. Според преданието
Славењето на Велигден во Брод со пари било откупен од султанот. Но извесен Асан бег кој бил надлежен за овој реон, сепак не им го дал првиот туку да го слават само вториот ден од Велигден. Но народот сепак смислил одредена итрина односно Кулите. Долниот ред на луѓе во кулата ги претставуваат Османлиите, а горните Македонците или во превод сепак победивме.
„Црковниот обичај започнува во утринските часови кога правиме една литија тргнувајќи од црквата Света Богородица, одејќи околу градот Македонски Брод и на 4 одредени даба ние правиме крст кој го симболизира распетието Христово и во тој крст се отвора една дупка со сврдел каде што свештеникот става вино и леб кои го симболизираат телото и крвта Христови. Крстот се запечатува како што бил запечатен гробот од Христот, кој на третиот ден воскреснува. Како што дабот на пролет дава нов живот, така и Христос со воскресението дава нов живот“, рече Отец Саше Костоданиноски, архиерејски намесник на М. Брод.
„Вие колку години сте дел од овој настан?
Јас сум веќе 30-тина години сигурно, чувтсвото ќе го видите и самите какво е, нешто прекрасно, не знам како да го опишам.
Дали е тешко да се одржи кулата додека се движи?
Нормално дека е тешко, но ако се сака нема проблем.
Колку време отприлика се движи?
Па 15-20 минути“, рече Драгиша Димоски, учесник на манифестацијата „Велигденски Кули“.
Манифестацијата привлекува посетители од цела Македонија и е вистинска атракција.
„Таа се одржува на тој традиционален начин на кој се одржувала пред многу векови, единствено ние ја поддржуваме, ја ставаме на нашата туристичка мапа, ја промовираме истата манифестација со цел да се привлечат голем број на туристи на овој ден“, истакна Жарко Ристески, градоначалник на М. Брод.
„Кулите“ тие се движат од црквата „Успение на Пресвета Богородица“ кон месноста „Средсело“ или центарот на поранешниот Македонски Брод.
„Чувството за Велигден кај секој еден верник е преубаво, се трудиме да задржиме традиција, благодарност на сите кои присуствуваа и зедоа учество“, вели еден учесник.
„Кажи ми дали младите како тебе, твоите врсници ја продолжуваат традицијата?
Да и традицијата треба да се продолжува секоја година“, додаде друг учесник на „Кулите“.
За овој ден во Македонски Брод се одржува и изложба на Велигденски јајца кои ги изработуваат децата од училипштата и градинката од овој град како и концерт на културно уметнички друштва од цела Македонија.
„Годинава имаме 6 културно уметнички друштва кои ќе ни се претстават со своите кореографии, со цел да ја зачуваме и негуваме традицијата на нашата држава“, изјави Даница Ацкоска, в.д. директор на Дом за култура Македонско Брод.
Кога сите „Кули“ ќе пристигнат на „Средсело“ се продолжува со чествување на празникот со традционачни македонски песни и ора.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар