Македонија
21. April 2025 - 16:39

За три дена скопската Брза помош интервенирала кај 45 граѓани кои колабирале на јавни места

Топлото време за велигденските празници и постот предизвикаа здравствени проблеми кај некои граѓани. Изминатите 3 дена скопската Брза помош интервенирала на 45 колапси на јавни места. Во безсознание паднале и млади и стари.

- Самите температурни влијанија и големите разлики во температурата доведе до појава на колапси, а и исто така истоштувањето на организмот со пост, бидејќи постот трае долго 49 дена и преминот да биде со регулирана исхрана, вели д-р Ана Џарева, шеф на смена во Службата за Итна медицинска помош Скопје.

15-тина граѓани од вчера до денес поради прејадување се јавиле во Брза помош и барале лекарски совети.

- Поради мрсната храна се жалат најчесто на болки во стомакот и мачнина, со нагони за повраќање, објаснува д-р Џарева.

За продолжениот празничен викенд екипите на Брзата помош интервенирале и на 9 сообраќајни несреќи во главниот град. Со скршеници се здобиле и лица кои управувале мотори, велосипеди и тротинети.

- Да се носат кациги и тие што возат тротиети и велосипеди да имаат заштита и да не возат пијани, советува д-р Џарева.

Според податоците од МВР токму брзото возење, но и алкохолот се меѓу најчестите причини за сообраќајни несреќи, лани животот на патиштата го загубиле 142 лица.