Македонија
21. April 2025 - 16:39

На предлог-извештајот на Вајц за земјава поднесени 313 амандмани

Предлог-извештајот за напредокот на Македонија на известувачот Томас Вајц „нападнат“ со 313 амандмани. Според дописникот на МИА од Брисел, најголеми забелешки имаат бугарските и грчките европратеници. Повеќето од нив дообјаснуваат или дополнуваат некои делови од документот, но има и такви со кои во извештајот се вметнуваат нови содржини или оценки.

Иако Македонија направи големи компромиси со Грција за европската иднина, па го промени и уставното име, грчките европратеници Емануил Фрагос и Галато Александрики бараат „Замена на зборовите „Република Северна Македонија“ со зборот „Скопје“ во текстот на целата Резолуција“.

Бугарскиот европратеник Ивајло Валчев предлага во воведниот дел на Извештајот освен заклучоците на ЕС од 2003-та, да биде запишан и Договорот за добрососедство со Бугарија и потпишаните протоколи..  
Според дописникот на МИА, во делот каде известувачот Вајц нотира дека аспирациите на македонците да станат дел од ЕУ довеле до значителен напредок во демократијата и социо-економските реформи и покрај блокадите од различни неоправдани причини, бугарскиот европратеник на Преродба, Станислав Стојанов предлага замена со аспирациите на граѓаните на Македонија да станат дел од ЕУ продолжуваат да доживуваат назадување поради недоволната политичка волја на земјата да ги спроведе договорените обврски“.

Забелешки има и за целосното усогласување во надворешната и безбедносна политика на ЕУ. Како што пренесува МИА, според Вајц , Македонија е партнер на ЕУ и има контруктивна улога во регионот. Ваквото мислење не го делат сите,  забележуваат за воздржаноста во однос на Резолуцијата за Украина во ОН. Бугарите и овде сметаат дека ваквото однесување и коспонзорство со САД треба да биде нотирано како неочекувана и жална промена во усогласувањето на нејзината надворешна политика.

Во однос на уставните измени, авторот на извештајот барал наместо првичната верзија каде стои дека Македонија треба ги усвои неспроведените уставни измени, во согласност со нејзините заложби, за да можат брзо да започнат пристапните преговори, да стои веднаш да започнат преговорите. 

Неколкумина бугарски европратеници предлагаат вметнување на содржини со кои се споменува потребата од „внесување на Бугарите во Уставот“ и „почитување на правата на припадниците на бугарското малцинство“, додека Грците Фрагос и Александрики бараат целосна замена на овој член со текстот: „Забележува дека Скопје, на ниту еден начин, не ги презел неопходните чекори за пристапување кон ЕУ и усогласување со европската надворешна политика; повикува на итен прекин на пристапните преговори“.

Меѓу многуте амандмани, според МИА, се и оние на европратениците Вале, Бардела и Тионе кои нотираат дека проширувањето е процес заснован на заслуги поврзани со демократијата, владеењето на правото и основните права; а земјите од Западен Балкан се уште се далеку од исполнување на овие критериуми.

Дел од европратениците со поддршка за интеграциите на Македонија, го повикуваат Европскиот совет да обезбеди поддршка за Македонија и дека има намера брзо и безусловно да донесе позитивна одлука за почеток на пристапните преговори по исполнувањето на условите во преговарачката рамка.

Измени се бараат и за Планот за раст, реформите, борбата против корупцијата, општествената поларизација, правата...   

Во однос на трагедијата во Кочани, во извештајот се повикува на темелна и транспарентна истрага за инцидентот и одговорните да бидат повикани на одговорност .

Изјаснувањето по предложените амандмани и по самиот Предлог-извештај за земјава од страна на членовите на АФЕТ е предвидено за 13 мај.