Пресудата за убиството на Ангел ќе биде објавена на 26 март
Во Основниот кривичен суд Скопје, за случајот за убиството на Ангел Петковски, денеска, завршни зборови даде и одбраната на обвинетиот Насер Ештрефи. По што судот, објавата на пресудата ја закажа за 26 март.
Во завршните зборови, адвокатката на обвинетиот Ештрефи, Иванка Јакимовска нотираше шест работи кои што, според неа, треба да се утврдат за да се пристапи кон казнување. Помеѓу шесте работи таа наведе: Што му претходело на тој настан, како се одвивал истиот, од кого прво се нанесени ударите, дали обвинетиот сакал да се случи тој настан, дали се работи за претходно формирана волја за да го стори ова дело, како и дали по секоја цена треба да се прегази начелото на ресторативна правда, ако се земе предвид дека и обвинетиот бил повреден и за тоа никој не одговарал.
– Кражбата на велосипедот не е иницијална каписла за случување на овој настан, туку е однесувањето на сега оштетениот и неговиот син, кои што по секоја цена сакале да го стигнат крадецот и да се пресметаат со него на било кој начин, кажа бранителот.
Потенцира, дека првично гореспоменатите биле без возило а потоа се вратиле и го земале за побрзо да го стигнат обвинетиот кого што, како што вели, го препознале како крадецот на нивниот велосипед.
Во однос на тоа од кого прво се нанесени ударите, бранителот кажа дека и покрај изнесените докази и реконструкцијата, тоа останало неутврден факт.
За тоа дали по секоја цена треба да се прегази начелото на ресторативна правда ако се земе предвид дека и обвинетиот бил повреден и за тоа никој не одговарал, бранителот кажа дека обвинетиот Насер е исто така повреден во овој настан.
– И тој има здобиено повреди, но телесни се разбира, и дека тој не сакал да го тужи сега оштетениот за тоа, оти тоа се гони по приватна тужба, оти едноставно не ни сакал да се случи настанот. Тој бил исплашен и за сопствениот живот кога сега оштетениот се упатил кон него, па го прашал дали е тој крадецот, реагирал кога видел опасност, како што појаснија и вештите лица, и само чудо го спасило да и тој остане жив, затоа што ударите нанесени од страна на сега оштетениот, да биле малку попрецизни или на друго место, можеле да бидат кобни за обвинетиот, кажа бранителот.
Во завршните зборови на одбраната свој исказ даде и обвинетиот Насер Ештрефи, кој кажа дека се кае за овој немил настан.
– Јас не сакав, и мојот живот беше во прашање, и мене не ми беше лесно, кажа обвинетиот.
Претходно, обвинетиот Ештрефи, со одлуката на Основниот кривичен суд Скопје беше осуден на 14 години затворска казна, што беше потврдена од скопската Апелација. Одлуките ги укина Врховниот суд и судењето против обвинетитот Ештрефи беше вратено на повторно одлучување.
Убиството на Ангел Петковски се случи на 19 мај 2014 година во населбата Ѓорче Петров. Инцидентот започна со кражба на велосипед од страна на Насер Ешрефи од скопското село Грчец.
Случајот го води судијката Судија Диана Груевска Илиевска а застапник на обвинението во овој случај е јавниот обвинител Дарко Јакимовски.
Ново на Сител
-
Не се знае дали студентите ќе имаат бесплатен превоз од први јануари, ЈСП не им ги продолжува билетите
-
Реформи веднаш за поголем економски раст
-
Директорката на Клиниката за деца “Козле” на состанокот кај Таравари ги негирала обвинувањата од 30 специјалисти
-
Преглед на вестите од светот
-
Скопјани се подготвуваат за викенд без вода
-
Артан Груби побарал укинување на притворот
-
Македонското и косовското МВР не откриваат дали Груби и Бајрами се лоцирани во Косово
-
По 4 дена од ДУИ порачаа дека не се совршени, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ си ја префрлаат вината за бегството на Груби