Не се знае дали студентите ќе имаат бесплатен превоз од први јануари, ЈСП не им ги продолжува билетите
Неизвесно е дали од Нова година студентите ќе имаат бесплатен јавен превоз во Скопје. Годишните билети им истекуваат на 31 декември и оние кои веќе отишле во центрите на ЈСП за на време да ги продолжат не успеале во тоа. Вработените ги враќале назад со образложение дека не знаат дали мерката ќе важи и од први јануари. Од студентското собрание бараат итни одговори.
„Билетите не се продолжуваат во билетарниците на ЈСП за 2025 година. Дел кажуваат дека нема да има бесплатен градски превоз, од страна на ЈСП телефонски кога комунициравме беше кажано дека се уште се чека одлука од Град Скопје. Од МОН одговорот е дека има предвидено средства, чекаме сите заедно да се произнесат дали ќе има или ќе нема за да може да им ги продолжат картичките на студентите“ - Александар Николовски, претседател на Студентското собрание на УКИМ
Заменик министерот за образование не одговори колку изнесува долгот кон ЈСП за бесплатен превоз на студентите. Не знаеше да каже ниту колку пари се одвоени за оваа намена за следната година.
„Во буџетот за 2025 се предвидени средства за транспортот на студентите, но за тоа ќе треба да се донесе дополнителна одлука од страна на Владата“ - Лулзим Алиу, заменик министер за образование
„Колку пари имате предвидено?“
„Сепак за тоа ќе треба да видиме бидејќи буџетот треба да помине, да не кажуваме бројки кои можат да бидат изменети додека се носи буџетот“ - Лулзим Алиу, заменик министер за образование
Мерката почна да се применува од 2016-та година. За време на коронавирусот кога наставата беше онлајн, тогашната Влада не ја продолжи мерката и вети дека штом студентите се вратат со физичко присуство пак ќе обезбедат пари. Но, и покрај тоа не предвиделе и не исплатиле пари, па ЈСП три години доброволно ги вози студентите бесплатно.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар