Скопјани се подготвуваат за викенд без вода
Некои купуваат, други дома полнат шишиња со вода. Утревечер, во 22 часот ќе секнат скопските чешми, а кога повторно ќе протече вода низ нив, никој од властите не прецизира. Санацијата на главниот цевковод во Скопје ги натера граѓаните да си обезбедат резерви со вода за пиење, рафтовите во маркетите панично се празнат. Си полнат и кофи за хигиенски потреби.
Цистерни со питка вода ќе кружат само доколку дефектот трае повеќе од 24 часа. На удар се и клиниките. Службата за општи и заеднички работи препорачува клиниките да ги презакажат елективните интервенции.
Оттаму информираат дека за греење ќе се користат резервни резервоари. Останатите ресурси од тип на медицински гасови, електрична енергија, канализација, и климатизација ќе фунцкионираат вообичаено.
Револтирани се и угостителите, бидејќи оваа санација на цевководот се случува токму кога рестораните и кафулињата се без празно столче поради резервации за предновогодишни забави. Еспресо ќе нема, се враќаат и гости од хотелите. Ако нема вода повеќе од едно деноноќие, од туристичко угостителската комора се децидни дека тоа ќе биде вистински удар врз целокупното туристичко стопанство.
Водоснабдувањето нема да прекине само во Чаир, Бутел, Радишани, Визбегово, Бардовци, Железара и Автокоманда висока зона. Во домовите на сите останати нема да тече вода, бидејќи вентилите ќе се затворат.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар