Loading Video...
Свет
27. April 2025 - 16:29

Преглед на вестите од светот

Најмалку 25 лица загинаа, а повеќе од 1.100 се повредени во огромна експлозија на пристаниште во Иран. Властите стравуваат дека бројот на жртви може да се зголеми. Експлозијата предизвика значителна штета на пристаништето, уништени се автомобили кои биле во близина, а разнесени се прозорците и покривите на околните згради. Засега не се знае како дошло до несреќата, но првичните сомнежи водат кон неправилно складирање на хемикалии во контејнери. На жителите им беше наредено да останат дома поради испуштање на отровни гасови. 

„Им изразувам сочувство на семејствата кои ги загубија своите најблиски, а на повредените им посакувам брзо закрепнување. Дадени се потребните инструкции до министерот за здравство и стручниот тим, кои ревносно ги адресираат и решаваат проблемите“ - Масуд Пезешкијан, претседател на Иран

Инцидентот се случи во време кога Иран и САД водеа нова рунда преговори за иранската нуклеарна програма.

Деветмина загинаа, а повеќе се повредени во канадскиот град Ванкувер, откако возач со автомобил влетал во народ на филипински уличен фестивал. 30-годишнот возач е уапсен. Полицијата вели дека и бил познат, a инцидентот не e терористички чин.

„Би било неправедно да шпекулирам за точните бројки бидејќи жртвите биле однесени во повеќе болници во регионот - значи не само една болница, повеќе болници - и би било неправедно кон фактите на случајот и неправедно кон семејствата навистина да кажам каква било бројка во овој момент“ - Стив Раи, Шеф на полицијата Ванкувер

Локален советник емотивно зборуваше за инцидентот. 

„Навистина не знам што да кажам. Ова беше прекрасен ден. Прекрасен настан. Огромен настан за заедницата. А да заврши со ваква трагедија...“ - Пит Фрај, советник на градот 

Возачот застанал и се обидел да побегне, но не успеал откако го опколиле луѓе кои биле во близина.

Стотици илјади млади луѓе се собраа денеска на плоштадот Свети Петар во Ватикан, на уште една церемонија ден по погребот на папата Франциско.

Наместо светските лидери кои присуствуваа на погребот вчера, огромниот плоштад и околните улици беа исполнети со, како што проценува италијанската полиција, 200.000 главно млади луѓе.

„Нашата наклонетост кон него, која се манифестира во ова време, не смее да остане само емоција на моментот. Ние мора да го поздравиме неговото наследство и да го направиме дел од нашите животи, отворајќи се себеси за Божјата милост и, исто така, милосрдни еден кон друг“ - Кардинал Пјетро Паролин

Папата Франциско почина на 89-годишна возраст по 12 години раководење со Римокатоличката црква.