Loading Video...
Свет
25. April 2025 - 12:21

Преглед на вестите од светот

Бројките на загинати и повредени во вчерашниот напад над Киев се зголемија

Во вчерашниот напад со проектили и беспилотни летала на Киев, бројката на загинати се зголеми на 12, како и бројката на повредени која изнесува повеќе од 100. Украинскиот претседател Володимир Зеленски истакна дека расчистувањето на урнатините продолжува. 

Руските сили ја презеле контролата врз населбата Богдановка во регионот Донецк, што е важна точка за одбранбена поддршка за украинската армија, а започнале и 39 напади во насока на Покровск, а украинската армија одбила 23 напади, од кои 16 сè уште се во тек, додека руските сили извршиле воздушни напади врз неколку населби во таа насока.

Најмалку 55 лица загинаа при воздушен напад на израелските сили врз Газа

Најмалку 55 лица, меѓу кои и шестчлена фамилија, загинаа при израелските воздушни напади врз Појасот Газа, соопштија синоќа палестински претставници за новиот биланс на жртвите.

Израелската армија потврди дека го извршила нападот, наведувајќи дека целта биле „терористи кои дејствувале од команден и контролен центар на Хамас и Исламски џихад“. Во друг воздушен напад, врз куќа во северниот дел на градот Газа, убиена е шестчлена фамилија – брачен пар и нивните четири деца, соопштија од Цивилната одбрана. Во истиот напад, загинале и уште шест други лица.

Во неколку други напади, особено во Кан Јунис, Ал Заваида и градот Газа, загинаа најмалку 40 лица. Израелската војска во четврток предупреди на поголем и уште поинтензивен напад врз Газа доколку преостанатите заложници заробени од Хамас не бидат ослободени, бидејќи во нивните воздушни напади загинаа најмалку 55 лица во воено разурнатата енклава.

Напорите на арапските посредници Катар и Египет, поддржани од САД, досега не успеаја да ги смират завојувани страни, Израел и Хамас.

Верниците од недела ќе можат да го посетат гробот на папата Франциск

Верниците ќе можат да го посетат гробот на папата Франциск „уште во недела наутро“ во базиликата Света Марија Маџоре во центарот на Рим, соопшти директорот на прес-службата на Ватикан, Матео Бруни. Ковчегот на аргентинскиот папа, кој почина во понеделникот на 89-годишна возраст, во сабота ќе биде пренесен во таа базилика, каде што ќе биде погребан, а ќе му претходи верска церемонија на плоштадот Свети Петар.

Ватикан во посебно соопштение соопшти дека илјадници верници ја посетиле базиликата Свети Петар во Рим за да им оддадат почит на посмртните останки на папата Франциск.