Преглед на вестите од светот
Илјадници луѓе се собраа во Нови Сад да ги пречекаат српските студенти кои протестираа и кои се вратија од Стразбур во вторник. Групата од околу 50 српски студенти со велосипеди тргна низ Европа до институциите на ЕУ во Стразбур протестирајќи против владата во Белград.
Велосипедистите поминаа 1.300 километри на своето патување повикувајќи на свесност за протестите кои започнаа во Нови Сад и се проширија низ целата земја.
Во Србија траат повеќемесечни антивладини собири по 16-те смртни случаи од железничка станица во Нови Сад.
Украина е подготвена за директни мировни преговори со Русија по воспоставување прекин на огнот, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски. Неговата изјава доаѓа еден ден откако рускиот претседател Владимир Путин изрази подготвеност за преговори под исти услови. Зеленски ја даде изјавата во пресрет на новата средба меѓу САД, Украина и европските земји во Лондон, чија цел е да се обезбеди примирје во Украина по повеќе од три години разорна војна.
Во моментов, САД водат паралелни разговори со Киев и Москва за прекин на војната. Зеленски рече дека би бил среќен да се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп подоцна оваа недела, кога ќе присуствуваат на погребот на папата Франциско.
САД не ги искористија „сите инструменти“ што им стојат на располагање за да извршат притисок врз Русија, изјави високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Каја Калас. Таа ја обвини Москва дека се обидува да купи време со велигденското примирје со Украина. За Калас, 30-часовниот прекин на огнот што го објави Русија за време на викендот, во реалноста беше само измама за да се спречи американскиот претседател да „го загуби трпението“ со Кремљ. Според шефицата на европската дипломатија, Киев и неговите европски поддржувачи се надеваат дека Вашингтон ќе усвои поостра линија кон Москва.
Белата куќа синоќа објави дека американскиот претседател Доналд Трамп верува дека САД напредува кон трговски пакт со Кина. Ова го изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, на прес-конференција.
Таа додаде дека администрацијата ја подготвува почвата за договор со Кина, но одби да потврди дали Трамп неодамна разговарал со кинескиот претседател Си Џинпинг.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар