Македонија
21. November 2025 - 21:11

Поплави во југозападна Македонија – Жителите најавуваат тужби за штетите

Ресен најкритичната точка во државата. Поради интензивните врнежи од дожд Болска и Источка река се излеаја од своите корита и поплавија над 50 куќи во Царев Двор и Дрмени. Евидентирано е излевање и на Голема река, чиј водостој изнесува 210 сантиметри. Заседаваше Кризниот штаб.

Стручните тимови со часови ја испумпуваат водата од објектите и дворовите. Активирани се и багери.

- Ангажирани се екипи на јавните претпријатија  ЈКП „Пролетер“ и „Македонија пат“, како и приватни машини со вкупно седум пумпи за испумпување вода и повеќе багери за расчистување и интервенции. Во населбата Црквиште се користат сите расположливи пумпи за санација на поплавените објекти. Ќе работат ноќеска.

Водата во ресенско да не се пие, предупредуваат од ЈКП Пролетер, бидејќи е измешана со атмосферската. 

Поплавите не го поштедија и охридскиот регион. Мештаните од Орман ценат дека од силните дождови се уништени се 90 посто од бавчите. Најавија и тужби. 

За два метри е зголемен водостојот на Дебарското Езеро и тоа за само четири дена. 

Со полни раце работа се и службите на ЦУК. Преку текот на денот во билтенот на АМСМ едивентирни се прекини на повеќе патни правци и одрони.

Службите ќе имаат работа и викендов, земајќи ја в предвид најавата на синоптичарите за пообилни врнежи од дожд. Властите не ја исклучуваат можноста од прогласување на кризна состојба за ресенско-преспанскиот регион во следните денови.