Македонија
22. November 2025 - 16:34

Стојков: Признанието од МАНУ е за Македонците во Бугарија

Академик Стојко Стојков, изборот за член на МАНУ не го доживува како лична победа, туку како призанине за Македонците што живее во соседна Бугарија. На свеченоста на УГД по тој повод, отворено зборуваше за долгогодишните предизвици со кои се соочува оваа заедница.

-Ние се бориме за нешто толку ситно, ама важно за демократијата -правото да имаме свои организации, со кои може да учествуваме во општествениот живот. Дури не зборуваме за партија, туку за најобични организации кои испаѓаат дека се невозможни за Македонците во Бугарија. И се бориме да се постигне на некој начин признавање на македонското малцинство. Тоа ќе ги реши не само нашите проблеми, туку и проблемите на Бугарија- изјави академик Стојко Стојков, член на МАНУ.

Стојков потсети дека притисокот од Софија врз Македонија не е од вчера. Според него, блокадата на нашиот европски пат е дел од подолг процес, за кој, како што рече, имало знаци уште пред две децении.

-Сега Македонија, нема кој знае каков избор , освен да се бори. Нема друг избор бидејќи било какви отстапки ќе се само скала кон нови отстапки и тоа ќе нема крај. Додека не се смени рамката политичка која сега постои во Европа и во односите Бугарија-Македонија, јас не мислам дека може да се очекува некој поголем прогрес, додаде Стојков.

Како сериозна грешка меѓу двете држави, Стојков ја посочи заедничката историска комисија. Според него, ова тело ѝ овозможува на Бугарија, како членка на ЕУ, да влијае врз македонските наставни програми и индиректно врз идентитетот.