Македонија
11. October 2019 - 13:23

Патувачката училница Una vita da social - „Живот на социјалните мрежи“ во Скопје

Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“ ја има честа да биде домаќин на патувачката училница Una vita da social – „Живот на социјалните мрежи“, во која ќе се реализираат едукативни средби со ученици, студенти, наставници и родители. Веќе седум години низ цела Италија се реализира овој европски проект, кој е дел од проектот „Поврзани генерации“ – Безбеден интернет центар, што го координира Министерството за образование и наука на Италија, а го реализира Одделението за безбедност во комуникациите при италијанското Министерство за внатрешни работи.

Благодарение на угледот што го ужива „Џифони Македонија“ во нашата земја, но и во странство, годинава Одделението за безбедност во комуникациите одлучи првата и единствена меѓународна активност во рамките на проекот да биде спроведена токму кај нас, за време на фестивалот „Џифони Македонија“.

Почнувајќи од утре, кога ќе биде и отворено 7.издание на фестивалот, се очекува околу 500 ученици од основните училишта да ја посетат патувачката училница, која ќе престојува на повеќе локации во Скопје.

Училницата ќе ги отвори своите врати за учесниците на „Џифони Македонија“ од групите кадети и сениори в сабота пред Младинскиот културен центар, а во попладневните часови ќе биде префрлен пред платото на „Скопје сити мол“. В недела училницата ќе биде отворена за сите заинтересирани посетители. Во понеделник (14 октомври) патувачката училница ќе биде на платото пред „Скопје сити мол“, во вторник - пред „А1 Арената Борис Трајковски“, а во среда и четврток - на плоштадот „Фонтана“ во Градскиот парк. 

Проектот е поддржан од Амбасадата на Италија во Скопје и од Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија, а за успешна реализација на едукативните активности се погрижија и СВР Скопје, Град Скопје, Општина Карпош, Општина Центар, Министерството за образование на РСМ и низа други институции.

Експертите ќе им илустрираат на слушателите како интернетот може да се користи на полезен и безбеден начин, преку запознавање со најнепредвидливите замки и навремена превенција и заштита од можни злоупотреби.
Претставниците на италијанската Полиција за безбедност во комуникациите ќе остварат средби и со колегите од МВР, од Секретаријатот за внатрешни работи и од полициските станици од сите скопски општини, како и со претставници на невладиниот сектор.