Одземен му е пасошот на поранешниот директор на ТИРЗ, тој не се чувствува виновен
Поранешниот директор на ТИРЗ, Јован Деспотовски, остана без пасош. Како мерка на претпазливост, има обврска и повремено да се јавува во судот. Кривичен ги прифатил овие предлог мерки од обвинителството, откако вчера обвинителот и Деспотовски самите пристигнале во судот кај судија на претходна постапка.
Обвинителството го сомничи за сторено кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување по член 353 од Кривичниот законик.
Тој во изјава за Сител вели дека не се чувствува виновен, но нема да се жали на определените мерки за да покаже дека е достапен за институциите.
„Во изминатите 7, односно 8 години колку што сум бил на функција, низ целокупното мое работење сме биле подложни на надворешна ревизија. Дали таа ревизија била преку државниот завод за ревизија или преку меѓународни ревизорски куќи, во секој случај контрола на работењето постоела секогаш. Контролата на работењето ја спроведува јавноста, институциите, ревизорските куќи. Очекувам дека сите овие ревизорски извештаи, вклучително и последниот, во рамки на ТИРЗ, ќе бидат земени предвид при разгледувањето бидејќи ниту еден од тие извештаи не укажува на било какви посериозни нерегуларности во работењето“ – Јован Деспотовски, поранешен директор на ТИРЗ
Обвинителството заедно со финансиската полиција се уште преземаат дејствија. Деспотовски поднесе оставка на директорската функција во ТИРЗ на 2 јули годинава.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар