Нов градоначалник на Штип е Благој Бочварски

Според oфицијалните податоци нa Општинската изборна комисија - Штип, Благој Бочварски е новиот градоначалник на Штип.
Во вториот изборен круг на локалните избори Бочварски освои 15.078 гласа наспроти кандидатот на ВМРО ДПМНЕ, Илчо Захариев кој има освоено 13.363 гласа. Разликата меѓу двата кандидати е 1.715 гласа во корист на Бочварски.
Весна Зенделова, член на ОИК-Штип истакна дека во раните утрински часови е доставен изборниот материјал до Државната изборна комисија, а вчерашниот изборен ден поминал мирно, со мали технички неправилности, како што е нефункционирање на УВ ламба. Проблеми кои, како што рече, веднаш и на лице место се решавале.
Во Штип синоќа на градскиот плоштад „Слобода“, славеа членовите на СДСМ. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев се обрати на членството во Штип честитајќи ја победата и порача да се работи за сите граѓани во земјава.
- Сакам да ви се заблагодарам што опстоивте со крената глава, со дигнато чело, да пркосите на притисокот од локалната власт во заминување. Знам дека не е исто да победите во Струмица и да победите во Штип. Не е исто и затоа ви симнувам капа и ви се поклонувам да бидете многу среќни, ова е ваша победа, рече Заев.
Тој забележа дека граѓаните на Македонија на овие локални избори гласале слободно, а на членството му порача да подадат рака на сите кои сакаат да пристап.
- Градете пријателство, подавајте рака на секого, ќе видите дека тоа е најубавото чувство, за 50 отсто од работите веќе ќе бидат завршени. Само со позитивен однос, со градење пријателство, рамо до рамо сите и ќе одиме напред, посочи Заев.
Бочварски истакна дека ќе биде градоначалник на сите граѓани на Штип.
- Штип повеќе нема да се дели по никој основ, ни партиски, ни по етнички основ. Тргнуваме сите заедно да работиме за нашиот град, рече Бочварски.
Тој забележа дека граѓаните на Штип во текот на вчерашниот ден покажале дека веќе не ги трпат притисоците. Додаде дека во наредните четири години негова задача ќе биде Штип да го направи најубавиот град во земјава.
Ново на Сител
-

Крајот на декември ќе се одлучува за зголемување на мининалецот
-

Колку закони треба да се сменат за да профункционира „Сејф Сити“
-

Тема на денот со Никола Крстаноски, универзитетски професор
-

Преглед на вестите од светот
-

Собранието одлучи: Анкетна комисија за Кочани, модуларната, Беса Транс и Дурмо Турс
-

Возачите сами почнаа да ги обележуваат Safe City камерите на апликации
-

Филипче останува единствен функционер во СДСМ, вели дека лично ќе го води процесот на партиски реформи
-

ИПАРД фондовите во фокус на партиските обвинувања и злоупотреби
