Крајот на декември ќе се одлучува за зголемување на мининалецот
Дали и колку ќе се зголеми минималецот – ќе се одлучува кон крајот на годината. Економско социјалниот совет е закажан на 22 декември. Синдикалците ќе притискаат за покачување од најмалку 100 евра, односно минималната плата од сегашните 24,400 денари да достигне 30.000 денари. Работодавачите пак – ќе ги претстават аргументите зошто не може да исплаќаат толку. Последниот збор ќе го има Владата, која вели дека ќе го прифати она што ќе го договорат синдикалците и газдите. Ако нема договор, минималецот, согласно законот, во март би се зголемил за околу 1.600 денари. Оваа сума не е прифатлива за синдикатот, затоа што трошоците за живот се се повисоки и работниците едвај врзуваат крај со крај. За да ги истуркаат празниците, велат дека едвај го чекаат регресот за годишен одмор, кој годинава изнесува нешто над 18.000 денари во приватниот сектор, а за административците е околу 12.000 денари.
За разлика од кај нас, пракса во европските земји е на работниците да им бидат исплатени 2 бонус плати, едната пред одмори, другата пред Божиќ. Исто така, кон крајот на годината голем дел од вработените добиваат бонуси за успешност, јубилејни награди, ваучери, подароци, кои зависно од фирмата, можат да надминат и 3.000 евра.
Работодавачот има повеќе можности да ги награди своите вработени, иако не е задолжително за фирмите во приватниот сектор.
-

Наташа Мерсовска
Сите содржини од овој новинар
