Македонија
3. December 2025 - 16:47

Возачите сами почнаа да ги обележуваат Safe City камерите на апликации

И покрај опомените граѓаните се уште возат нерегистрирани возила. Само вчера, од речиси 51.000 опомена, колку што испратил системот на МВР, Safe City, 425 биле за нерегистрирани возила.

Вчерашната статистика на МВР вели – 50.662 прекршоци, од кои најголем дел, речиси 49.000 се за поголема брзина од пропишаната, над 1.360 за поминување на црвено. 
И додека МВР во ескпресно време ги испраќа опомените за четирите видови на прекршоци кои ги регистрира системот Safe City граѓаните бараат начин како да се „спасат“ од предупредувањето. 

Waze – апликација базирана на Google Maps, со години масовно се користи во Западна Европа. 

Во Македонија внимание добива сега, откако МВР почна да тестира како работи новиот систем. Апликацијата главно се користи за следење на сообраќајот во живо. Сообраќајки, препреки на пат, полициски патроли, радари. Сето ова може да го вметне кој било кој ја користи апликацијата.

Веќе третиот ден, скопските возачи обележаа голем дел од камерите за автоматска регистрација на регистарски таблички. 

Направивме мапирање на сите обележани радари од страна на возачите. Досега вметнати се 38 камери низ целата територија на Скопје. Евидентно е дека најголем дел од нив се поставени во централното градско подрачје, на поголемите булевари. Меѓутоа има и главни сообраќајни артерии кои воопшто немаат камери или има само по некоја, како Илинденска и Борис Трајковски.

Најмногу камери поставени се во Центар, Чаир и Карпош. Кисела Вода од друга страна е најслабо покриена со овие камери, или попрецизно – до овој момент ниту еден граѓанин не пријавил дека во оваа скопска општина е поставена камера за автоматска регистрација. 

Пробниот период на Safe City почна во понеделникот. Во првите два дена регистрирани се над 160.000 прекршоци на скопските улици, и тоа треба да се земе предвид дека системот регистрира само четири видови на прекршоци, брзо возење, поминување на црвено, истечена сообраќајна и непрописно запирање и паркирање. МВР допрва треба да појасни што се во иднина ќе следи системот, кога и какви надлежности ќе добие.
Safe City треба да биде одговор на сообраќајниот хаос и големиот број на жртви. Во последните 10 години, годишниот просек е 137 загинати во сообраќајни несреќи.