Свет
15. October 2025 - 8:29

НАТО и ЕУ министрите за одбрана на состанок во Брисел по руските воздушни инциденти

Министрите за одбрана на НАТО и Европската Унија денеска се состануваат во Брисел на разговори посветени на заканата од Русија, зголемувањето на воените трошоци, развојот на европските одбранбени капацитети и поддршката за Украина.

Ова е прв состанок на министрите од септември, кога НАТО започна нова мисија за подобра заштита на воздушниот простор на источните членки по серијата руски нарушувања на воздушниот простор.

Меѓу темите е и зголемувањето на воените буџети, одобрено во јуни под притисок на САД. Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет ќе присуствува на состанокот.

Украинскиот министер за одбрана Денис Шмигал ќе им се придружи на колегите од НАТО попладне за разговори за ситуацијата на фронтот и потребите на Киев.

По состанокот следува седница на „Контакт групата за одбрана на Украина“ – меѓународен форум кој координира воена помош за Киев и обединува околу 40 држави. Групата, која првично беше предводена од САД, сега ја координираат Велика Британија и Германија.

Вечерва, министрите за одбрана на ЕУ ќе разговараат за зголемување на подготвеноста на Унијата пред средбата на врвот подоцна во месецот. 

МИА