Македонија
15. October 2025 - 16:33

Неврологот Игор Кузмановски ќе плати казна од 500 евра бидејќи работел без лиценца

Казна од 500 евра за разрешениот директор на Неврологија бидејќи половина година прегледувал пациенти без важечка лиценца.  Игор Кузмановски од 15 март кога му истекла дозволата за работа  до август кога беше назначен за в.д. директор на клиниката вршел здравствена дејност спротивно на законот,  утврдиле инспекторите од Државниот санитарен и здравствен инспекторат. 

- Во врска со  работата на проф.д-р Игор Кузмановски како здравствен работник без важечка лиценца за работа ќе му биде издаден прекршочен платен налог според член 309 став 1 точка 1 од Законот за здравствената заштита, но ќе следи и прекршочен платен налог за правното лице и за  одговорно лице во правното лице, односно претходниот директор. 

За сите констатирани недостатоци во однос на работата на ЈЗУ УК за Неврологија Скопје, ќе биде издадено решение за наредба за отстранување на недостатоците, пишува во извештајот од ДСЗИ.

Инспекторите ги проверувале активностите и на другите доктори на неврологија и лиценците им биле активни. 

Освен вонредниот надзор на ДСЗИ, интерни комисии има и на Клиниката кои беа формирани од новиот в.д. директор. Случајот со Кузмановски го разгледуваат и во лекарската Комора од каде најавија дека деновиве ќе одлучат како ќе постапат. 

Пред 5 дена се појави снимка на која д-р Кузмановски меша бела прашкаста материја и коментира за квалитет на дрога. Ова предизвика лавина од реакции во јавноста а неврологот истиот ден беше разрешен од менаџерската функција.