Македонија
15. October 2025 - 12:18

Жените земјоделки: Нашето земјоделство е пациент кој што го лечеа многу лекари, но никој не ја погоди точната дијагноза

Нашето земјоделство е пациент кој што го лечеа многу лекари, но никој не ја погоди точната дијагноза, затоа нашиот аграр тивко полека умира. Ова е ставот на жените земјоделки кои во пресрет  на Меѓународниот ден на руралната жена, 15 Октомври, одржаа Саем на домашни земјоделски производи. Жените земјоделки велат дека секојдневно се соочуваат со се поголеми предизвици, а помошта и стратегијата која ја добиваат од државата е се помала.

„Се помалку има млади луѓе за да ја обработуваат земјата, тука се и климатските промени, скапите репроматеријали, ниските откупни цени, за жал земјоделецот е тој кој има корист од тоа што го произведува, а најголем ќар имаат трговците. Од државата бараме помош да има организирано производство и да има претгодно одредени цени, за да луѓето знаат што да произведуваат за да не се појавува вишок на храна“, рече Елизабета Улиманова, земјоделка од с. Славеј.

„Очекуваме да се зголемат субвенциите, бидејќи донекаде и ги укинаа и поголема побарувачка, домашното да се цени повеќе, бидејќи сега индустријата е во предност, домашното е многу поквалитетно од индустријата и поздраво“, кажа Мартина Најдоска, земјоделка од с. Долнени.

Според организаторите на настанот ЛАГ АГРО ЛИДЕР руралната жена во Македонија е неограничен и недоволно искористен капацитет, тие се столбот на земјоделските фамилии и иноваторите на сите домашни традиционални специјалитети. 

„Ова е само уште еден повик со еден ваков мини саем да се креираат политики, кој што ќе создадат можности за достоинствен живот на руралните жени, признавање на нивниот труд, и обезбедување на социоекономска благосостојба затоа што руралните жени се двигарели на руралните заедници“, изјави Марина Тошеска, ЛАГ АГРО ЛИДЕР.

Руралните жени се надеваат дека годинава ќе го добијат и платеното отсуство при боледување и платено подорилно осуство. Две права кои ги немаат и се дискриминирани во однос на жените ор урбаните средини.