Со млаки радијатори почна грејната сезона во Скопје
Со млаки радијатори официјално почна грејната сезона во Скопје. Поради ремонт на цевководот во Бугарија и прекин на испораката на гас од Турски тек, следните два дена парното ќе биде послабо, информираат од НОМАГАС.
Потребните извесувања ги испратиле до ЕСМ и Регулаторната комисија за енергетика и доколку има промени околу времетраењето на прекинот, дополнително ќе информират, додаваат од Номагас. Од РКЕ пак, напоменуваат дека- Согласно законот, парно мора да има.
РКЕ потсетува дека сигурноста во снабдувањето е примарен интерес и дека законската регулатива овозможува во услови на прекин на испорака, операторот со природен гас НОМАГАС да може да изврши навремено полнење на цевката и количината да ја распредели соодветно во критичните денови за корисниците кои се греат на топлинска енергија. Согласно Правилата за снабдување со топлинска енергија и Тарифниот систем за продажба на топлинска енергија, снабдувачот е должен во грејните простории во времето од 06:00 до 22:00 часот во текот на денот да обезбеди температура на греење од 20+1 º C.
Температурите се високи, па затоа граѓаните не се жалат на послабото греење.
Екипите на ЕСМ постојано се на терен, велат од оваа компанија. За да имаат станарите греење, апелираат да се проверат инсталациите во објектите и да ги подмират сметките за електрична енергија за топлинските потстаници.
Во моментов, 88 објекти немаат обезбедени услови за испорака поради дефекти во внатрешната инсталација (поправките и редовното одржување се обврска на потрошувачите), оневозможен пристап до топлинските станици или прекин во снабдувањето со електрична енергија потребна за нивна работа, но моментална бројка е во постојан тренд на опаѓање.
Во делови од градот каде се врши санација на дефекти на топлификациската мрежа, истите навремено се објавуваат на веб страницата ЕСМ Снабдување., соопштуваат од оваа компанија
Инаку грејната сезона почнува на 15-ти октомври и трае до 15-ти април ако температурите се пониски од 12 степени, може да заврши најдоцна до 30-ти април. Парно греење користат над 60 илјади домаќинства и истото е достапно само за жителите во главниот град.
-
Наташа Мерсовска
Сите содржини од овој новинар