МНТ ја објави актерската екипа во мјузиклот „Мама миа!“
Македонскиот народен театар денеска ја соопшти актерската екипа на македонската верзија од мјузиклот „Мама миа!“ во режија на Наташа Поплавска, кој премиерно ќе биде изведен на 24 декември.
„Мама миа!“ е весела приказна за тинејџерка (Софи Шеридан) која е во потрага по својот вистински татко на еден грчки остров, раскажана преку хитовите на АББА и по текст на Кетрин Џонсон. Се реализира во копродукција помеѓу Македонскиот народен театар и словенечката компанија за театарска и музичка продукција „Проспот“.
Носечката улога (Софи Шеридан) ќе ја игра младата актерка Нина Деан. Во улогата на нејзината мајка, Дона Шеридан, ќе биде актерката Биљана Драгичевиќ-Пројковска, најдобрите пријателки на Дона ќе ги играат актерките Арна Шијак и Тања Кочовска, а во улогите на тројцата потенцијални татковци Сем, Бил и Хари ќе настапат актерите Кире Ѓоревски, Трајче Ѓоргиев и Владимир Јачев. Никола Наковски ќе ја игра улогата на Скај, вереникот на Софи.
Во актерската екипа се и: Александра Павлова, Билјана Јовановска, Стефан Спасов, Александар Михајловски и Борјан Тетиев. Учествуваат и голем број танчари и хористи, како и бенд во живо. Препевот и преводот на текстот од англиски на македонски го направи Тина Трпкоска, диригент е Бисера Чадловска, кореограф Олга Панго, сценографијата е на Александар Дениќ, костимограф е Роза Трајческа-Ристовска, инструктори за пеење и вокал се Ана Костадиновска и Сара Николовска.
Ова е втор мјузикл на Поплавска која пред две години во МНТ го постави и првиот лиценциран мјузикл „Чикаго“.
Копродуцентот од Словенија, Проспот д.о.о, е застапуван од познатиот југословенски скијач од 1980-тите години, Јуриј Франко кој во последниве години се занимава и со продукција на мјузикли и театарски претстави. Проспот ги има ексклузивните права за мјузиклот „Мама миа!“ во Словенија, Србија, Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина и во Македонија. Премиерата на мјузиклот првин беше во Белград, а потоа во Љубљана и Загреб.
Билетите за „Мама миа!“ се пуштени во продажба на билетарницата во МНТ. По премиерата на 24 декември, мјузиклот ќе има репризи на 26-ти, 28-ми и 29 декември и на 12-ти,13-ти и 23 јануари 2018.
Ново на Сител
-
Експерти: Лидерската е вовед во политички дијалог, но без големи очекувања
-
Teма на денот со Ивон Величковски
-
Мицкоски и Филипче на чекор до лидерска средба
-
Мицкоски: Милошоски и Филков имале само лош ден што треба да заврши
-
Негативно мислење за разрешувањето на обвинителот Коцевски
-
Дали повисоки казни ќе спречат трагедии како Кочани?
-
Клиниката за физикална медицина се подготвува да ги прими првите пациенти од пожарот во Кочани за рехабилитација
-
На чекор сме до генерален штрајк во цела држава, предупреди ССМ на протестот за повисоки плати