Македонија
2. April 2019 - 9:02

Манастирот „Св. Архангел Михаил“ - бисерот на сакралната култура под Клепа

Манастирот „Св. Архангел Михаил“ кај Горно Чичево, што е споменик на културата од 1981 година, поради негрижата на државата и институциите е со напукнати внатрешни ѕидови и има опасност неповратно да се урне. Иако во 2013 година Националниот конзерваторски центар изработи проект за конзерваторско-реставраторски работи, и покрај најавите од Министерството за култура дека ќе го финансира, како и влегување во Националната програма за култура за 2016, манастирската црква во внатрешноста сè повеќе напукнува и пропаѓа заедно со сè вредно во неа.

На 16 километри јужно од Велес, после Градско, помеѓу селата Горно и Долно Чичево во месноста Клепа се наоѓа манастирот „Св. Архангел Михаил“.

За да стасате до овој манастир со вашето возило се упатувате од Велес кон Градско, a кога ќе стигнете до Градско вртите десно нагоре по улицата низ населбата, па продолжувате по локалниот пат што води кон селата Долно и Горно Чичево. Од двете страни низ прозорецот на автомобилот видикот ви се само ниви и пустелија, а ретко и понекое дрвце. Додека патувате  низ теренот се чудите и си размислувате како среде оваа пуста пустелија може да има таков познат манастир. Затоа што „Св. Архангел Михаил“ е манастир што во изминатите столетија бил многу познато и значајни православно светилиште за свештенството и православните верници од овој регион и пошироко.

Додека така патувате одеднаш во далечината здогледувате нискостеблеста шума, а низ која високо се издигаат прекрасните пет куполи, четири помали и една поголема во средина со крстови, симболи на христијанството. Како што се приближувате така манастирот пред вас се прикажува со сета своја величественост и грандиозност – вистински бисер на сакралната култура.

Манастирската црква е автентична и различна

Кога стигнав пред манастирот „Св. Архангел Михаил“ имав чувство дека гледам некоја европски позната православна христијанска црква. Застанав и со широко отворени очи неколку минути се воодушевував на умешноста на градителството на познатиот градител на цркви Андреја Дамјанов. Тој во 1861 година ја возобновил старата манастирска црква изградена на крајот на 17 и почетокот на 18 век, во периодот од 1695 до 1705 година.

На самиот влез во црквата од лево стои запишано името на Андреја Дамјанов и годината 1861. Инаку фреските во манастирската црква ги обновил Хаџи Косте Зограф, од кои до денес, за жал, се сочувани само неколку.

Покрај тоа што манастирот е осамен и на прилична оддалеченост од населбите и погледите на луѓето, црквата е моделирана со голема внимателност, што ја потврдува исклучителната професионалност на архитектот Дамјанов.

Имено, негативниот момент на зафрленоста на локацијата тој го искористил во позитивна смисла – изградил црква во чиј просторен склоп доминираат пет силно нагласени куполи. Секоја од куполите ја подигнал на многу висок тамбур, а потоа ја закитил со симболот на христијанството – крстот. Ова не било можно да се изведе во јадрата на градските и руралните средини, бидејќи тогашната отоманска регулатива не дозволувала видливо презентирање на христијанскиот симболизам во надворешната силуета на градбите. Тоа значело забрана за видливи куполи, крстови и сл.

Имајќи ги на една страна овие можности што произлегле од локацијата, на друга страна длабоките византиски традиции за канонизирана симболичност во одредувањето на основата на црквите, а на трета страна потребата за релативно мал капацитет на црквата, Дамјанов се одлучува за модел во облик на издолжен впишан крст во пет куполи.

Изборот на петкуполна градба е поврзан со неговото добро познавање на традициите во средновековната архитектура во Македонија и на фактот дека таа е подрачје во кое концентрирано се граделе многу ретките сложени градби со пет куполи.

Односно, како што во средновековието Венеција ја добила петкуполната „Св. Марко“, како што Франција ја добила „Св. Фронт“ во Периге или Константинопол ги добил „Св. Апостоли и Неа“, така Македонија ги добила „Св. Пантелејмон“ во Нерези (12 век), „Св. Ѓорѓи“ во Старо Нагоричане (14 век), „Успение на пресвета Богородица“ во Матејче (14 век) и „Св. Ахангел Михаил“ кај Горно Чичево на почетокот на 18 век.

Но, манастирската црква „Св. Архангел Михаил“ не претставува средновековна копија. Целокупната архитектура е плод на модерен обликовен јазик. Модерната транспозиција почнува во основата, што е силно издолжена наспроти византиските решенија, со што внатрешниот простор се доживува многу повеќе базиликално отколку централно, а што е во сообразност со тогашните архитектонски трендови. Понатаму, црквата е со нагласена височина, со што се постигнал ефект на голема просторност наспроти византиската збиеност.

Петте куполи внесуваат огромна количина светлина во внатрешноста, со што во објектот е внесено чувство на ведрина наспроти мистиката на средновековието. Овој елемент на ведрина е суштествено важен и во сообразност со духовниот возлет на преродбенската епоха. Високите и снажни камени столбови на кои лежат пандантифите за централната купола имаат капители што по својата форма се повеќе западноевропски, но многу софистицирано приспособени на вкусот на домашната традиција – без пластична декорација.

Надворешната силуета е означена со петте куполи и нивните високи елегантни тамбури. Централната купола е поголема и двојно повисока од останатите.

Симболичната нагласка на христијанството изразена со куполите и крстовите во оваа црква има и звучно физички елемент. Тоа е кулата – камбанарија поставена централно на западната фасада при влезот.

Во моделирањето на фасадите се чувствува присуство на елементи од европската еклектика. Тоа се школасто вовлечените апсидални ѕидови, пиластрите, венците, триаголните тимпани во надвенечната партија итн.

Црквата во внатрешноста со напукнати ѕидови

Во внатрешноста на црквата до која водат скалила, за жал, само многу мал дел од фреските од Хаџи Косте Зограф се зачувани до денес, а ѕидовите на кои биле насликани прекрасните фрески поради нивно целосно уништување низ годините наназад се премалтарени и бели.

За жал, останати се и само неколу стари икони на дрво од 1828, 1874 и 1882 година, а кои, исто така, се во многу лоша состојба и на кои итно им е потребна конзервација.

Во многу лоша состојба е и иконостасот на манастирската црква, кој едвај стои потпрен на импровизирани греди и кој, не дај боже, секој момент може да се сруши и неповратно да се оштети, а напукнати се и ѕидови на црквата.

Конзервација и реставрација на манастирот беа најавени во 2013 година. И по пет и пол години од најавите на надлежните за санација и реставрација – ѕидовите на манастирската црква се во уште покритична состојба. Проектот за конзерваторско-реставраторски интервенции на манастирската црква е изработен во 2013, но поради необезбедени средства од Министерството за култура проектот сè уште не е почнат.

-Ние како стручен тим сме подготвени повторно да излеземе на терен и да ја констатираме новонастанатата состојба, видот и оштетувањата на манастирската црква. Во зависност од степенот на нејзината загрозеност, може да почне постапка за прогласување на културно наследство во опасност. Притоа манастирската црква би имала и приоритет на интервенции, односно би имала приоритет на финансирање за конзерваторско-реставраторски интервенции, посочуваат од стручниот тим на Националниот конзерваторски центар.

Како е изграден и негов историјат

Спрема неговиот летопис подигнат е како мала црквичка во периодот од 1695 до 1705 година од калуѓерот Михаил со помош и заштита на велешкиот Аго-бег.

Годината на подигање на манастирот се потврдува и од бронзениот печат на манастирот, кој бил познат како Орле, а кој како таков манастир никаде не постои, а во неговата содржина е вградено името на св. Архангел и сликата на Архангел Михаил. Околу рачката на печатот е гравирана и годината 1705. Мајстор на печатот бил Симон Костадинов, кој е пишувач на натписот. Од овој податок произлегува дека првобитната црква не е подигната порано од почетокот на 18 век.

Во втората половина на 19 век, во 1861 година старата манастирска црква била обновена, реновирана од познатиот градител на цркви Андреја Дамјанов, а по што го добила денешниот облик и изглед, а била изграфисана од зографот Хаџи Косте.

Во неа биле сместени земјоделско училиште и богата библиотека

Во 1909 година тука било сместено Земјоделското училиште под раководство на агрономот Ангелов. Манастирот имал и богат имот, со манастирско братство  и многу богата библиотека.

Најдовме податоци дека и Јордан Хаџи Константинов-Џинот при една посета на овој манастир бил изненаден од големата и богата библиотека, за која вели дека располагала со „словно книжество рукописано“.

Зборот „рукописано“ ни открива една драгоцена можност да заклучиме дека во манастирските простории постоеле препишувачи, што е случај и кај други наши манастири од тоа време.

По името „библиотека“ може да се претпостави дека книгите не биле малку и дека биле подредени во форма на чување и употребување. Од друга страна, со сигурност може да се тврди дека тоа заедно со богатството на манастирот биле главен услов за постанокот и успешното дејствување на Земјоделското училиште.

Манастирот „Св. Архангел Михаил“ по 1945 година бил оставен без никаква заштита од атмосферските влијанија, човечката негрижа и вандализмот од жителите од соседното село Водоврати. Манастирските конаци биле користени од страна на сточарите кои ги напасувале своите стада во близина на манастирот, користејќи ги неговите пасишта и чешми за вода. Старите манастирски конаци се целосно уништени и останати се само руини. Во близина на манастирската црква се изградени нови конаци и трпезарија.

Некои тврдат дека ѕидовите на црквата напукнале по силните детонации во Фени.

Црквата во 1981 година била прогласена за споменик на културата, а во 2013 биле донесени одлука и проект за нејзино целосно обновување, вклучувајќи ги и фреските и иконите.

Антоанела Димитриевска/МИА