37 години чекала бебе – скопјанка за прв пат роди на 61 и е највозрасната прворотка во Македонија
Желбата за дете е посилна од годините. 61 годишна скопјанка по 37 години обиди да остане трудна, стана највозрасната прворотка во државата. Петар дојде на свет минатата недела а со мајката денеска заминаа дома. Оваа жена поминала тежок период – имала 10 неуспешни ин витро оплодувања, 10 спонтани абортуси. Кога ја почнала битката со неплодноста замрзнала јајце клетки и после 30 години и помогнале да го добие посакуваниот син.
-Оваа мајка херој како што ја нарековме, има богато акушерско и гинеколошко минато. Имала три хируршки интервенции од кои две направени во Белград а една во нашата установа. Овие родители не потклекнале на неуспесите, на притисоците од околината и стереотипите и предрасудите со кои живееме, вели проф. д-р Ирена Алексиоска Папестиев, директор на Клиника за гинекологија и акушерство.
Во текот на бременоста жената имала висок притисок и дијабет и контролирана бременост и во 36 тата гестациска недела е породена со царски рез. Петар им донел неизмерна среќа на родителите а како што велат гинеколозите, во светот на медицината не постојат граници.
-Нејзиниот сопруг е 65 години и само што отишол во пензија и кажа дека ќе се грижи за бебето. Меѓутоа кај мажите нема потреба од криопрезервација, се гледа спермограм, се гледа квалитетот на спермата и може додека има квалитетен спермограм, истиот да учествува во ин витро оплодување, вели д-р Папестиев.
Во нашата држава нема ограничување на возраста за правење на ин витро. Во регионот највозрасната прворотка е во Србија но со донирана јајце клетка, а во Индија жени за прв пат станеле мајки и на 70.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар