Македонија
16. October 2025 - 12:35

Кратово домаќин на меѓународен научен симпозиум и етно филм фестивал

„Градот на кулите и мостовите“, веќе традиционално домаќин на меѓународниот научен симпозиум на етнолози, антополози и фолклористи, годинава со работен наслов, „Етнологијата и заштитата на културното наследство“. Научни работници од земјава и странство два дена елаборираат свои трудови за софистицираните пристапи и методи за зачувување на материјалното и нематеријалното културно наследство, а воедно оваа проблематика да се приближи до пошироката јавност.

- Да дадеме придонес во негова заштита, бидејќи нематеријалното наследство полека со генерациите како да одминува и заминува во заборав, а материјалното, кое подлежи на конзервација мораме да го спроведеме тој процес, бидејќи многу споменици на културата, староградски куќи, да не зборуваме за руралните средини се оставени на забот на времето, изјави проф.д-р. Зоранчо Малинов, претседател на Етнолошко друштво на Македонија

Ова е светски тренд и секоја држава се грижи за својата оставина. Меѓутоа, затоа се потребни и финансиски средства и институционална поддршка, како што тоа е пример во Полска.

- Во Македонија се преземаат многу активности, но сметам дека во Полска е подобро, бидејќи имаме повеќе можности да добиеме грантови за оваа намена. Затоа мислам дека е полесно, зашто парите се многу важни за да се зачува традицијата, изјави Малгорзата Јашезолт, Етнолошко друштво – Полска

Од 12 –ти до 14-то октомври во Музејот на град Кратово се одржа 14-тиот по ред меѓународен фестивал на етнолошки документарен филм. Во конкуренција на 100-тина филмови, во просторите на музјот се презентираа 22, од реномирани автори од целиот свет.

- Присуството на авторите овозможи разговор со публиката, поставување на прашања, коментари, исто така и размена на искуства во подготовка на филмови од овој жанр, односно, филмови кои обработуваат теми од традиционалната култура, од секојдневниот живот, од односите помеѓу различни групи итн, изјави Владимир Боцевски, претседател на ОО на Меѓународниот фестивал на етнолошки филм-Кратово

Годинава „Кратфест“ беше во организација со НАФА, што е признание кое високо го позиционира на светската мапа на фестивали на етнолошки документарни филмови.