Европската Унија му донираше еколошки автобуси на ЈСП
Европската Унија му донираше шест еколошки автобуси на ЈСП. Низ скопските булевари ќе почнат да сообраќаат за околу недела откако ќе се регистрираат и осигураат. Автобусите се на природен гас и може да соберат околу стотина патници. Доделени се во рамките на проектот „ЕУ за чист воздух“.
„Оваа активност која денес ја спроведуваме е проект вреден 10 милиони евра којшто ќе придонесе за намалување на загадениот воздух, бидејќи тоа е еколошки проблем што го чувствуваме веднаш по почетокот на грејната сезона и со години го зема данокот врз здравјето на граѓаните“ - изјави Михаил Рокас, евроамбасадор во Македонија.
Донацијата од ЕУ доаѓа во период кога автобусите на ЈСП трошат нафта од државните резерви. Гориво има за уште неколку дена, а дотогаш треба да се реализира ургентната набавка. Кризата со нафта е последен од низата проблеми во претпријатието.
Недостасуваат голем број автобуси, по постојките постојано има гужви, а дел од оние кои чекаат не можат да се качат бидејќи нема место. Дополнително, Владата има наталожен долг кон ЈСП неколку години, па поради ова постои можност да биде укинат бесплатниот превоз и за пензионерите и за студентите.
„Имајќи го предвид тоа дека од јануари месец 10 милиони евра ќе биде долгот којшто е неисплатен од страна на централната власт кон ЈСП, советниците се тие кои мора да одлучат што ќе се случува. Мислам дека пред советниците, од нивна страна ќе биде иницирано и дали воопшто било кој ќе има бесплатен јавен превоз“ – изјави Данела Арсовска, градоначалничка на Скопје.
Одлуката на Владата да купи до 120 електрични автобуси од кои најголемиот дел ќе завршат во Скопје, Арсовска смета дека е задоцнета.
„Најавата, која што ја слушнав од медиумите, доколку е вистина, можам само да ја поздравам и да кажам дека е задоцнета затоа што Владата имаше мнозинство во Советот на Град Скопје и веќе трета година по ред можеше да донесе иста или слична одлука. Се е подобро од ова кое што сега се случува, иако за три години можевме да имаме секоја година по 50 нови автобуси, тоа се веќе 150 автобуси коишто ги немаме, а севкупно требаше да бидат 250 како ветување на сегашниот премиер којшто го имаше дадено заедно со мене“ – дополни Арсовска.
Утре пред советниците на Град Скопје повторно ќе се најде точката за набавка на еко автобуси. Досега беше одбивана 24 пати.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар