Лекарска комора: Комисијата за етички прашања го разгледа случајот поврзан со д-р Кузмановски
Лекарската комора денеска соопшти дека Комисијата за етички и правни прашања, постапувајќи по случајот со видеоснимката објавена на социјалните медиуми во која е инволвиран веќе разрешениот директор на ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија, д-р Игор Кузмановски, упатува јавна морална осуда за настанот.
Ова, посочуваат од Лекарската комора, се прави со цел да се заштити интегритетот и угледот на лекарската професија, бидејќи однесувањето прикажано на снимката ги нарушува довербата во професијата и не е во согласност со високите морално-етички стандарди кои се очекуваат.
Комората нагласува дека д-р Кузмановски, како и секој лекар, треба да биде свесен за својата улога и значење во заедницата. Од лекарите се очекува, како во професионалниот, така и во приватниот живот, да негуваат и покажуваат лични квалитети кои соодветствуваат на местото и достоинството на лекарската професија во општеството. Секој несоодветен, лекомислен, нечесен или понижувачки акт, покрај тоа што го компромитира самиот поединец, истовремено ги компромитира и сите негови колеги, стои во соопштението.
На состанокот на Комисијата, детално беа разгледани документите добиени од Министерството за здравство, а беше направена и проверка на поднесените претставки до Комората за евентуални етички пропусти во работењето, при што беше констатирано дека нема случај поврзан со д-р Кузмановски. Со цел да може да се обезбедат соодветни факти и да се добие целосна слика за етичкото однесување на докторот во изминатиот период, што сметаме дека е важно во оваа ситуација, Комисијата цени дека е важно да ги имаат на увид и извештаи од стручните комисии формирани за овој случај од страна на Министерството за здравство и од ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија. По добивањето на овие официјални извештаи и комплетирањето на информациите, Комисијата ќе донесе заклучок за понатамошно постапување во однос на прекршувањето на етичките норми.
Д-р Кузмановски и понатаму останува без активна лиценца за вршење докторска дејност. Доставеното барање за повторно стекнување со лиценца ќе биде дополнително разгледано, информираат од Лекарската комора.
МИА
Ново на Сител
-
АХВ се вклучи во одбележувањето на 16 октомври Светски ден на храната
-
СВР Битола со апел до граѓаните да не наседнуваат на телефонски измами за лажни сообраќајни несреќи
-
Воена вежба „Junction City 2025“ на армискиот полигон Криволак
-
Утврдени финалистите за наградата „Сахаров“ за 2025 година
-
Светски ден на храната и 80 години од основањето на ФАО: Храната не е само потреба, туку и достоинство, здравје, иднина, култура и идентитет
-
Политико: ЕУ има пет години да се подготви за војна
-
Уште една измама со лажна сообраќајка, измамена 82-годишна скопјанка за сума од 4.000 евра
-
До сабота променливо облачно со повремен дожд