Сиљановска-Давкова најави македонско бугарски разговори по локалните избори
Скопје е подготвено по завршување на локалните избори за македонско-бугарски разговори. Претседателката Гордана Сиљановска Давкова на вчерашната средба со претседателката на Европската Комисија, Урсула Фон дер Лајен предупредила на опасноста од реплицирање на преседанот со билатеризација на македонскиот процес на интеграција, надвор од Копенхагенските критериуми.
Како што соопшти Кабиетот на Сиљановска Давкова, таа ги споредила Балтикот и Балканот посочувајќи очигледна разлика, дека на Балтикот земјите членки на ЕУ застанале за своите соседи, а на Балканот членки го користат привилегираниот статус за да условуваат и блокираат.
-Сиљановска – Давкова очекува помош од Унијата во пронаоѓањето на излезно креативно решение за деблокада на македонските интеграции, бидејќи како што нагласи, прифаќањето на земјите од Западен Балкан во ЕУ не е само прашање на проширување, туку ја засега безбедноста и стабилноста на Европа. Иницијативата за реформирање на процесот на одлучување во ЕУ, што би ги опфатило и прашањата поврзани со проширувањето на Унијата, односно воведувањето на гласање со квалификувано мнозинство, за Сиљановска-Давкова би било храбра одлука, што ќе доведе до евроинтеграциски исчекор, велат од претседателскиот кабинет.
Пораката од Фон дер Лајен беше јасна, морате да ги спроведете уставните измени. Искуството кое Македонија го има во односите со Брисел не ни дава за право да бидеме многу големи оптимисти, смета поранешниот амбасадор Васко Наумовски. Во изјава за Сител вели, секоја иницијатива од ЕУ за некакво решање на спорот со Бугарија е добредојдена, но сето тоа најмногу ќе зависи од комуникацијата меѓу Скопје и Софија.
-Обидите и иницијативите што пристигнуваат од Европската Унија за некакво посредување не се ништо ново. Истовремено, не се нови и иницијативите што нашите претставници ги даваат за продлабочување на дијалогот со Софија. Јас не би бил голем оптимист знаејќи дека политичката состојба во соседна Бугарија се движи веројатно кон одржување на нови предвремени избори таму. Што значително ќе го ограничи периодот во кој ние би можеле да направиме некаков напредок. Но крајот на изборите е блиску, да видиме дали Европската Унија, некоја од нејзините институции или државите членки ќе истапи со некој нов предлог кој би можел да биде корисен во сета оваа процедура, вели Наумовски.
Вчера изостана прес-конференција на Фон дер Лајен, иако претходно во Белград заедно со претседателот Вучиќ застана пред српските медиуми. Тоа, според Наумовски, најверојатно се должи на претстојните избори во Македонија, но и моменталната политика на Унијата.
-Секогаш кога се приближуваат избори се избегнува давање на пораки коишто можат да бидат толкувани различно од различните политички сили. Истовремено, сметам дека можеби претставниците на европските институции не секогаш се подготвени да одговорат на оние незгодни прашања. Имено, зошто толку се ангажирани се подготвени дури и да пристапат кон промена на начинот на одлучување за држави какошто се Украина и Молдавија на пример, а за државите од Западниот Балкан не постојат никакви иницијативи, вели Наумовски.
Фон дер Лајен вчера беше во неколкучасовна посета на Скопје. Се сретна и со претсеателката на државата, но и со собранискиот спикер Африм Гаши и премиерот Христијан Мицкоски. Пред посетата на Белград, Приштина и Скопје најави изградба на АИ Фабрика во Македонија со европски пари.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар