„Топката е кај вас, ЕУ е подготвена“, вели Фон дер Лајен по средбите со Мицкоски, Сиљановска-Давкова и Гаши
Шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен се сретна со премиерот Мицкоски. Како што информираа од Владата, на средбата се разговарало за европската перспектива, напредокот на реформските процеси, економската соработка, енергетската безбедност и дигиталната трансформација.
„Премиерот Мицкоски ја истакна решеноста на Владата да ја забрза евроинтеграцијата на државата преку конкретни резултати и исполнување на европските стандарди. Тој посочи дека државата очекува од Европската Унија јасна и конкретна посветеност, како потврда на европската перспектива и поддршка за граѓаните кои со децении остануваат посветени на европските вредности“, велат од Владата.
Освен со Мицкоски, фон дер Лајен се сретна и со претседателката Сиљановска Давкова и спикерот Гаши. По средбите, се огласи на социјалната мрежа „Икс“.
„Ние целосно стоиме зад Северна Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ. Можете да сметате на нас. Следниот и единствен чекор пред почетокот на преговорите е јасен. Потребно е да ја направите договорената уставна измена. Топката е кај вас. ЕУ е подготвена“, напиша фон дер Лајен.
Нејзината посета на Македонија е во рамки на турнејата низ земјите од Западен Балкан. Пред да пристигне во Скопје, изминатите денови беше во Албанија, Црна Гора, Србија и Косово.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар