Македонија
16. October 2025 - 16:44

ЛКМ со морална осуда за д-р Игор Кузмановски – Неврологот и понатаму без активна лиценца

Лекарската Комора морално го осуди неврологот Игор Кузмановски бидејќи на објавената снимка неговото однесување не е во согласност со високите стандарди кои се очекуваат од докторската фела. Ова е првичната реакција на Комисијата за етички и правни прашања од каде велат дека  ги чекаат извештаите од останатите стручни комисии кои работат на случајот. Дополнително ќе кажат дали и кои етички норми ги прекршил докторот кој на видеото се гледа дека меша бела прашкаста материја, коментира за квалитет на дрога но и ја призна грешката велејќи дека била во момент на слабост. 

- Д-р Кузмановски, како и секој лекар, треба да биде свесен за својата улога и значење во заедницата. Од лекарите се очекува, како во професионалниот, така и во приватниот живот, да негуваат и покажуваат лични квалитети кои соодветствуваат на местото и достоинството на лекарската професија во општеството. Секој несоодветен, лекомислен, нечесен или понижувачки акт, покрај тоа што го компромитира самиот поединец, истовремено ги компромитира и сите негови колеги, пишува во соопштението од ЛКМ. 

И додека на случајот работат неколку формирани комисии кои го проверуваат работењето на Кузмановски, од Клиниката за неврологија ни потврдија дека докторот од понеделникот е на боледување. Тој и понатаму е без активна лиценца а неговото барање за повторно стекнување со дозволата за работа дополнително ќе биде разгледано, велат од Комората.  

Вчера Државниот санитарен и здравствен инспекторат парично го казни со 500 евра, бидејќи работел 6 месеци со пациенти без важечка лиценца. 

Викендот по објавување на снимката на социјалните мрежи, Кузмановски беше разрешен од директорската функција.