Македонија
16. October 2025 - 16:47

Судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ закажано за 19 ноември

Кривичниот суд го закажа судењето за пожарот во кочанската дискотека. На 19 идниот месец во судницата во Идризово ќе се одржи првото рочиште за 37 кои се обвинети за тешки дела против општата безбедност. Постапката ќе ја води судијката Диана Груевска Илиевска, втор судија во предметот ќе биде Ахмед Идризи.

Најавата за почеток на судењето доаѓа на точно седум месеци од трагедијата. Повеќе од половина од времето беше потрошено да се пронајде суд кој ќе го оцени обвинението и ќе ја води целокупната судска постапка. Предметот го доби Кривичниот суд во Скопје, откако претходно кочанскиот и судовите од штипска апелација одбија да го водат бидејќи немале просторни услови, а дел од судиите биле во некаква поврзаност со оштетените или обвинетите. Со изземања се соочуваше и Кривичниот суд. Четворица судии се дистанцирале од случајот бидејќи биле во роднински врски со адвокати или загинати.

За пожарот во „Пулс“, обвинети се поранешните министри за економија Крешник Бектеши и Ваљон Сараќини, градоначалниците на Кочани, Папазов, Илијев и Димитровски, четворица директори на Дирекцијата за заштита и спасување, сопствениците на дискотеката, обезбедувањето. Ќе им се суди за тешки дела против општата безбедност, бидејќи како што тврди обвинителството, сите дале свој придонес за пожарот во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.

„Во објектот не бил испочитуван ниту еден пропис во однос на квалитетот на вградените материјали, инсталации за заштита од пожари и противпожарни апарати. Поради целосното непочитување на безбедносните правила, преполнетоста на објектот со посетители, настанало масовно туркање и паѓање на посетителите во ходникот, со што, напуштањето на објектот било целосно попречено и биле предизвикани тешките последици“, се вели во обвинението за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“..

Обвинителството најавува дека за судењето ќе повика близу 300 сведоци, ќе презентира 1.400 материјални докази и голем број видео снимки.

Родителите на трагично загинатите во пожарот преку соопштение побараа фер, транспарентен и непристрасен процес. До стартот на судењето, ќе ги прекинат секојдневните блокади во Кочани.

„Ние, родителите и семејствата на починатите деца, со големо внимание ќе го следиме судскиот процес, со единствена цел – да се открие вистината и да се обезбеди правдата за младите животи што беа изгубени во трагедијата што засекогаш го промени нашето општество“, се вели во нивното известување објавено на Фејсбук.   

Од судот соопштуваат дека по стартот на судењето на 19 ноември, закажани се уште пет рочишта за до средината на декември. 

За пожарот се води истрага и против 29 полициски службеници, а тој случај е во рацете Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.